НИШКА - ТРЕЈСИ ШЕВАЛИЕ

Рецензија за „Нишка“ - Трејси Шевалие на Јована Матевска Атанасова 


Романов е добитник на Пулицерова награда? Сериозно? Само толку? Секогаш сум се воодушевувала на истражувачкото новинарство, особено кога над истражувачки концепт се гради едно дело, тоа е погодок под непропишана формула за успех. Тие споредни, неважни работи Шевалие ги открива и ги имплементира во една Нишка од која прераснува помеѓувоен гоблен каков ретко на кој му поаѓа од рака. Нејзината вештина на ткаење, на совршен вез, е повеќе од очигледна кога ќе ја распостели мапата со накрсни и оризови бодови, за да ја претстави на публиката. Не дека е најдоброто нејзино дело, далеку од тоа, ама едноставно има навистина добро опфатена перспектива за женското угнетување преку стигмата и комшиските муабетења, до традиционалните улоги кои жената ја туркаат само покрај шпоретот и мажот. Вајолет е стара мома, немажена и со трауми од војната која по завршувањето продолжила да отвора фронтови во нејзиното секојдневие. Мајка и´, госпоѓа Спидвел, е ексцентрична, би се рекло антагоно настроена кон ќерка си за која не заборава да набеди негативна забелешка. Спасот го наоѓа под покровителство на работилницата на везилките кои колку небитно звучи нели, изработуваат перничиња за клечење во Винчестерската катедрала. Нејзиниот живот е незадоволителен. Живее во изнајмена соба, заработува едвај за да преживее со грав над тост како најобилен дневен оброк, ама ја бара слободата која во родителската куќа и´ е ускратена. Вајолет побрзо би гладувала отколку да ги слуша мајчините тажнопои од мугра до мугра. Се запознава со Артур, кој е ѕвонар во окружните катедрали и иако тој е две децении постар од неа, чувствува искра како да е таа напалм бомба што ќе ги опожари сите околу себе, а нејзе ќе ја изгори до пепел, живее во конзервативна средина каде секој е осудуван и кога со немиено лице ќе поздрави за “Добро утро”. Шемата на морална маргинализација која како наковална ги закојува своите шилци во нејзиното поведение, ја ограничува широкоградоста и капацитетот на нејзиното размислување, се обидува да изгради уште еден клон кој безглаво ќе ги следи малограѓанските стереотипи, преточени пред популацијата како претчувства. Се сретнуваме и со машкиот бунт, на преживеан од првото светско зло, војната, омразата која последично се јавува кон германската идеологија и национално поставено прашање, на истрајно следење на својата сопружничка улога, иако таа се обидува да го одметне кон друго меѓуножје. Двајцата делат една заедничка карактеристика на најмал содржател, загубата на син, која ја тера Вајолет широко да ги отвори зениците и да го прифати апатичното однесување на мајка си, исполнето со непријателство и негативизам кон секој што и´ се приближува, а се нејзино анимално орудие, нејзиното слепило да не ги препознава болката и емоциите кои ги предизвикува кај најблиските, а е единствен начин да го зачува интегритетот и да не се изгуби како сопругата на Артур; и загубата на свршеникот по што Вајолет завршува како одметник, се дави во фекалиите на својата меланхолија и осаменост, распната помеѓу наметнатиот вел, да се крие зад преродената стара мома која животот ќе го посвети на догледувањето на старите родители, зашто жителите на Саутемптон и Винчестер ја распознаваат единствено придавката “стара” и преку нејзе рассудуваат; или неоткриената биологија на мајка која срамежливо тропа да се оствари. Ме фасцинираа раздробените детали и тајни на ѕвонарството и везењето, истражени до нултиот фактор на нивно постоење. Дејството е смирено, без претерани турбуленции, за читателите кои навикнале на брзи дела и фуриозни заплети, го има рецептот кој според мене, го бараат судиите за престижните награди, некоја гранка на реализам без нагли свртувања и претерано китење на ликовите за да ја освојат публиката. Колку едноличието може да не´ мотивира да се издигнеме над земјата, не како зеленолисни растенија во морето на истообразни, туку како булки кои предизвикуваат погледи и внимание?