ИЗВАДОК ОД „ЛУЗНА“ - ХУАН ГОМЕЗ ХУАРДО

Пред бракот, држете ги очите широко отворени;
во бракот замижете на едното око.
Бенџамин Френклин
 
Како сакате некој што е топло облечен
да сфати некого кому му студи?
Александар Солженицин
 
Кажи ми, момче, дали некогаш си танцувал со ѓаволот
на месечина?
Џек Нејпиер
 
Ирина
 
Девојчето не почувствува болка кога клинецот му го распара лицето под левото око.

 
Сајмон
 
Мојата прва грешка беше што се вљубив во неа.
Втората грешка ми беше што не ја прашав како ја добила таа лузна.
Лошата вест е дека наскоро ќе ја направам и третата и дека таа ќе биде многу полоша од претходните две.
На десното рамо ми виси ранец што ја содржи мојата иднина и иднината на сите мои вработени, во набиени снопчиња од по сто долари. Ако го преминам прагот на вратава пред мене, дополнително ќе го уништам животот на сите мои познајници и на нивните семејства. Како веќе да не ме мразеа доволно.
Од левото рамо ми истекува топол млаз што се лизга надолу по раката и капе врз цевката на пиштолот. Забележувам дека дршката е леплива од крвта што ми се суши меѓу прстите. Ја стискам посилно за да си всадам самодоверба. Но, не помага.
Темноцрвената локва покрај мојот чевел станува сѐ поголема додека сомнежите ме обземаат, а животната сила ми истекува од раната. Белузлавата неонка што го осветлува ходникот трепка, и видот ми се замаглува на моменти. Колената ми треперат, а стравот е како леден јазол во мојата утроба.
Само што не сум ја направил најголемата грешка во мојот живот.
А добрата вест?
Добрата вест е дека нема да поживеам доволно долго за да жалам поради тоа.
 

ПОРАНО

 
ПРВАТА ГРЕШКА

 
1
Состанокот
 
Се наведнувам нанапред и повраќам во огромна хромирана канта за отпадоци. Желудникот ми се собира како исцеден лимон додека не се испразни. Напливот на крв во мојата глава предизвикува времето да застане околу мене, постои само овој студен метален раб на кој се потпирам додека не почнам нормално да дишам.
„Дали си добро, Сајмон?“, прашува Том.
Допирот на дланката на мојот пријател по рамото е смирувачки, утешен. Барем додека не кимнав со главата. Потоа ме фаќа за кошулата и ме повлекува назад, обидувајќи се да ме исправи. За да се исправам, морам да се потпрам на ѕидот, бидејќи Том е една педа понизок од мене и тежи дваесет килограми помалку.
„Тогаш, аман, собери се. Денес ставаме сѐ на коцка, снаго“, вели тој, давајќи ѝ знак на рецепционерката зад него.
Се обидувам да внесам повеќе воздух во белите дробови, вдишувајќи длабоко и нерамномерно.
„Можеби треба да го одложиме состанокот за неколку дена. Да дебагираме[1] неколку варијабли, да ѝ дадеме на Лиса нов...
„Господи, здивот ти смрди на тоалет во дискотека“, одговара Том, збрчкувајќи го носот. „Не, ништо нема да одложуваме, бидејќи типон нема да се враќа во Чикаго до следната година, а ние дотогаш ќе бидеме на улица, ќе питачиме под некој мост или нешто уште полошо. Знаеш со какви маки го издејствував овој состанок? Има да влезеш таму, да му го покажеш проклетово чудо што го создаде, и да станеме богати.“
Том има право, нормално, иако не сакам да признам.
 
 
Не реагирам многу добро на притисок и на социјални интеракции, па дури и на тоа да бидам во нечија близина. Сакам самотија. Еднаш бев кај некој психолог-жена, и зборував за анксиозноста, студената пот, мачнината и вртоглавицата од кои страдам во присуство на други, а таа ми кажа дека само верувам во тоа претпочитање самотија затоа што отсекогаш сум бил и не сум престанал да бидам сам. Дека мојата божемна склоност кон изолација е само рационализација.
Таа на масата имаше чиниче преполно со бонбони со вкус на капини, и јас не бев во состојба да го одвојам погледот од нив додека таа ги изговараше зборовите што ми ги разнишаа моите ментални шеми повеќе отколку што имав волја. Кога ја потегна приказната за брат ми, се израдував што добив изговор да станам и да ја напуштам сеансата. Бидејќи беа останале уште десет минути до крајот на третманот, зедов грст од бонбоните со капини. Имам огромна дланка, и уште го помнам вџасеното лице на психологот-жена кога нејзиниот нов пациент со три четвртини од чиничето со бонбони исчезна излегувајќи низ врата.
Никому не дозволувам да ми зборува за брат ми Артур. Никогаш.
 
 
Некако успевам да се соземам со помош на уште едно последно поттурнување од страна на Том. Заобиколувам еден куп табуретки во дречливи бои што ви создаваат желба да останете да стоите и се доближувам до рецепционерката. Азијка, насмеана, претерано нашминкана, со косата собрана во толку затегнато опавче што погледот кон него предизвикува болка, командува со работната маса направена од смола и стакло што би го засрамил и командниот мост на Ентерпрајз.
„Жал ми е што бевте принудени да го гледате тоа.“
Девојката се насмевнува соучеснички.
„Не грижете се. Вие сте четвртиот што сум го видела како повраќа во кантата за отпадоци, а тука работам само две седмици.“
Ми додава кутија со хартиени марамчиња и јас благодарно земам цел грст.
„Кога ви ја дале работава, сигурно никој не ве предупредил дека ќе имате бесплатна претстава. Парада на питачи!“
„Знам што значи за вас генијалците да се видите со големиот шеф. Доаѓаат дури и во маици со логото на нашата компанија, со желба да ја добијат неговата наклонетост. За таквите однапред знам дека нема да останат подолго од три минути.“
„Значи, познатата приказна за песочниот часовник е вистинита?“
Таа ги поткрена рамената како да претерала со приказната.
„Слушајте, се чини дека сте човек на место. Потпишете ги договорите за доверливост на податоците и ќе ве одведам до салата за состаноци, каде што ќе можете малку да се освежите.“
Ми покажува екран кој реагира на допир со многу долг текст, полн со точки и законски одредби, анекси и адвокатски термини и фрази. Не се ни обидувам да одглумам дека го читам, туку со показалецот втиснувам потпис на крајот од документот. Не знам дали потпишав договор за доверливост или ѝ ја продадов душата на „Инфинити“. Во овој случај, тоа му доаѓа исто. Со оглед на тоа што знаат сите овие луѓе за мене – всушност, за секој од нас – како да се веќе мои сопственици.
Том се приближува, носејќи ја својата кожена акт-чанта и мојата поштарска торба, и тој се потпишува на екранот и две стаклени плочи се отвораат за да нѐ пуштат во рајот. Пред десет години, по завршувањето на студиите за компјутерско инженерство, ќе дадев сѐ на светот да влезам во седиштето на „Инфинити“, да бидам дел од тој тим, да запознам некои од нивните бројни тајни. Ова е најмалото седиште на компанијата, а сепак ги поседува сите погодности поради кои е најпосакуваната компанија за младите дипломирани Американци: бесплатни жестоки и безалкохолни пијалаци во секој момент, кантина со која управува готвач достоен за најотмениот ресторан, сали за одмор, за вежбање... Сето тоа го гледаме патем, а рецепционерката не поместува ни прст да ни објасни нешто. Ние дојдовме да молиме за пари и затоа не заслужуваме вообичаена обиколка со водич, при што сум сигурен дека веќе е уморна од повторувањето на една иста приказна.
Благодарен сум за нејзината негрижа. Оној Сајмон кој би убил да влезе тука веќе не постои. Годините поминати во тропање од врата на врата за да си создаде себеси шанса го уништија, засилувајќи ја неговата социјална фобија додека не го претворија во самотник со висина од метар и деведесет, тежина од сто килограми, што сега чекори по ходниците на рајот што го загубил сјајот.
Том Вилсон, мојот адвокат и најдобар пријател – објективното пребројување би покажало единствениот – е моја суштинска спротивност. Тој е ситен, црвенокос, со бистри очи, со неисцрпна енергија. Секогаш има насмевка и љубезен збор за сите. Ако го побарате терминот „површен шарм“ на Википедија, ќе се појави фотографија од него. Додека заедно влегуваме во кантината, се разминуваме со една привлечна девојка, со големи очила со рамка од ацетат, во избледена маица со слика на жабата Кермит и во тесни фармерки, која носи послужавник со салата, шише вода и зелено јаболко. Том патем го зграпчува јаболкото, одгризува залак и ѝ намигнува на девојката. Ако јас го направев тоа, таа би повикала полиција, а јас би добил забрана за приближување, но Том измамува кикотење од изненаденост и широка насмевка, која не ја трга од лицето додека Том не исчезна од видикот зад првиот агол до кој нѐ донесе рецепционерката.
Кога тој се врти, го забележува мојот поглед полн со лошо прикриена завист. Го мразам.
„Те мразам“, велам, колку да му разјаснам.
 

„Главата горе, Сајмон. Разведри се. Мора да бидеш добро расположен во друштво на нашиот домаќин.“
Тој ми го дофрла јаболкото од кое одгриза еден единствен, кружен, огромен залак, смешно имитирајќи го познатото лого на фирмата „Епл“. Очајно мавтам со рацете за да го фатам без да ми падне торбата, но не успевам, па и јаболкото и торбата завршуваат на подот.
Рецепционерката се врти и ме швркнува со прекорен поглед додека се обидувам да ги соберам парчињата јаболко од итисонот. Остава впечаток дека се кае што претходно била љубезна со мене и со ледено лице ни ја покажува салата за состаноци.
„Почекајте овде и обидете се да не направите хаос.“
Како и секогаш, Том се забавува, а јас завршувам како будала. Го поместувам настрана и влегувам во просторијата, барајќи канта за отпадоци за да ги фрлам остатоците од распарченото јаболко.
„Човеку, не лути се“, вели Том. „Сѐ ќе помине добро, ќе видиш. Овие луѓе сакаат спонтаност.“
Огорчено зафучувам. Прстите ми се лепливи од сокот што ми капе меѓу нив, а дишењето ми се забрзува. Закари Мајерс, сопственик и основач на „Инфинити“, човекот на кој му се восхитувам и сакам да го запознам уште од времето кога како мал го инсталирав својот прв, револуционерен оперативен систем, ќе се појави во секој момент, а јас ќе му ја стегнам раката со своето размачкано дланкиште. Се вртам наоколу и не гледам ниту едно место каде што би се ослободил од раздробеното овошје.
Целата сала е обоена бело, масата е изработена во едно парче од некој синтетички материјал, а со секој од шеснаесетте столови околу неа би можел да си платам една година студирање. Сепак, нема канти за отпадоци на повидок. На крајот се откажувам, ставајќи ги остатоците од јаболкото во страничниот дел од мојата поштарска торба, во мрежата предвидена за шише вода. Го мразам мирисот на јаболко и го мразам Том што ми ја уништи мојата омилена торба, доволно голема да го собере мојот лаптоп, и една од ретките со ремен доволно долг да го префрлам преку главата на моево огромно тело а да не личи на шал како останатите.
„Еј, пријателе, зошто не ја фрли во кантата за отпадоци?“, прашува мојот пријател, посочувајќи ми кон еден процеп во ѕидот. Кога го притиска, еден дел излегува, премногу доцна да си ја спасам торбата, но навреме мојот гнев за да ја достигне точката на вриење кон Том.
„Завршена приказна. Си одиме оттука. Немам намера ваков да се појавам пред Мајерс“, велам, земајќи ја торбата и се упатувам кон излезот.
Том ме зграпчува за подлактницата.
„Замолчи и седни. Зар сега не се чувствуваш подобро? Ти помина мачнината?“
Застанувам близу до стаклената врата дебела како тупаница и се вртам кон него. Неволно се насмевнувам. Овој манијак ја приредил целата таа мала сцена за да заборавам на мојот напад на анксиозност и да се фокусирам на неговата глупост, што се чинеше дека функционира.
„Немој да оплескаш на тестот, договорено? Не сакам да ти се случи како на...“
Му давам знак да замолчи и го насочувам погледот кон малата кристална топка на едниот крај од просторијата, најверојатно камера што ја користат за видеоконференција, а Мајерс несомнено ќе ја употреби за да го сними нашиот состанок, доколку веќе не снима. „Инфинити“ никогаш не била одликувана за почитување на приватноста на клиентите што го користат нивниот прелистувач, апликациите за електронска пошта или електронските уреди. Порано многу познати личности од целиот свет биле жртви на нивниот недостиг на почит, а последниот пат, пред неколку седмици, имаше огромно протекување на еротски фотографии на голем број познати жени кои во „облакот“[1] на „Инфинити“ ги чувале спомените за нивните егзибиции в кревет.
„Инфинити“ даде бедни изговори за некаков страшен напад од група хакери, но сѐ укажуваше на тоа дека некој оставил отворена задна врата, таен влез што дозволува пристап до податоците на сите клиенти кои чуваат лични информации на огромните сервери[2] на „Инфинити“. Поаѓајќи оттаму, сѐ што требаше беше само да се напише името на некоја конкретна личност, па да се види дали била „непослушна“ со својот партнер или со некој друг.
Секој систем има задна врата, и ако не ја почитувате интимата на вашите клиенти доволно за да ја заштитите, се сомневам дека нема да ја нарушите приватноста на скромните сопственици на стартап компаниите кои доаѓаат во вашата канцеларија да молат за пари.
Том веднаш сфаќа, ми намига и почнува долг говор за некоја негова девојка, фармацевтка која работи на улицата „Мејн“, и за синоќешната неверојатна вечера во грчки ресторан во близина на нејзината куќа. Убеден сум дека половина од податоците му се измислени, дека ова е претстава за нашите домаќини, но сепак чувствувам завист спрема него и неговата способност да се поврзе со другите човечки суштества. Загубен сум во мислите, слушајќи го Том со делумно внимание, кога некој си го прочистува грлото кај вратата и двајцата срипуваме на нозе.
Зад нас, создавајќи се речиси од никаде, е единствениот човек што може да ја спаси нашата фирма од пропаѓање.
 
 
 
 
 
 
2
Испадот
 
Со текот на годините ја загубив вербата во Закари Мајерс и престанав да чувствувам длабоко обожавање какво што имав кон личности како него, Бил Гејтс или Стив Џобс. Кога бев тукуречи момче што ги прави првите чекори во областа на развојната околина[1], го знаев секој детаљ од нивниот живот, го голтав секој збор што го кажале во некое интервју, сакав да откријам како еволуирале од апсолутна нула додека не станале револуционери и не го сменија светот.
Ненадејно, еден ден, ми се појави сопствена идеја, план со кој лично сакав да дадам мал придонес на тоа поле и, како што би рекол Том, „да заработам доволно пари за да можам да ги кренам сите четири во вис.“ Одеднаш, моите јунаци станаа поприземни, помалку блескави ликови. Со секој од илјадниците часови што ги поминав во кодирање пред екранот, создавајќи ја Лиса, сјајот на ѕвездите сѐ повеќе бледнееше, а паролите го загубија своето значење. Повеќе не сакав да размислувам поинаку, ниту, пак, да продолжам да бидам гладен и луд. Само сакав да го завршам тој проклет изум што ме опседнуваше со години. Во еден особено тежок период, ги истргнав од ѕидовите фотографиите од моите идоли и, во кутија за пица преполна со краешници, ги фрлив во контејнер.
Мразам краешници на пица.
Поради напорната работа и постојаните неуспеси, станав циничен кон идолите од раната младост, какво изненадување. И морам да кажам дека тоа што лично го запознав Закари Мајерс воопшто не ми помогна да го сменам тој став.
„Добар ден, господине Вилсон, господине Сакс“, нѐ поздравува. Дошол сам, во неговата далеку позната облека, фармерки и бела маица, поблед и постар отколку на фотографиите. Тој е на возраст од близу шеесет години, и ниту милијардите што ги поседува нема да можат да му помогнат да го промени тоа.
Том прави чекор нанапред да се ракува со него, но основачот на „Инфинити“ ги држи рацете зад грб.
„Извинете, немам обичај да се ракувам кога се запознавам со некого“, вели тој многу отсечно. „Седнете, ве молам.“
„Си ја чувате силата за друг состанок, господине Мајерс?“
„Молам?“
„За ракувањето.“
Мајерс ги шири усните во ледена насмевка, додека со погледот нѐ проценува од глава до петици. Мојата стуткана кошула и панталони со широки џебови, евтиниот костум на Том. Ја чувствувам тежината на неговиот поглед и повторно ме опседнуваат вознемиреност, страв и мачнина. Дури и Том, кој има кожа од титаниум и е срамежлив помалку од продавач на половни автомобили од Либан, од што му е незгодно, се подместува.
„Лесно е да се види кој е задолжен за тешката работа, а кој за односите со јавноста.“ Става пред себе мал пластичен предмет, легендарниот песочен часовник со кој ја доби репутацијата на некомпромисен и неподнослив шеф, дури и во овој свет каде што многумина имаат толку големо его што се потребни Шерпаси[1], алпинистички јажиња и кислород за да може човек да го надвиси. Се шпекулира дека го користи за сѐ, и за презентација на некој шеф на одделение кога пие кафе: „Секоја работа за чие извршување е потребно повеќе од три минути е губење време“, изјави тој за списанието „Тајм“ кога беше прогласен за маж на годината. Додека се подготвувавме за состанокот, Том постојано повторуваше колку му е жал за госпоѓата Мајерс.
„Понижувањето при постојано телефонирање за да најдеш инвеститор е многу тешка работа“, се брани Том, кој воопшто не сака да го мислат за последната дупка од свирката.
Мајерс го игнорира и ми се обраќа мене.
„Господине Сакс, ако вашиот партнер продолжи со нафрлање досетки, ако повторно ја отвори устата на овој состанок, ова нема ни да ни треба“, вели тој, вртејќи го песочниот часовник. „Почнете, ве молам. Кажете ми за Лиса.“
Му дофрлам очаен поглед на Том. Не го предвидовме ова. Планот беше тој да направи презентација од околу четириесет секунди, потоа јас да изведам демонстрација во траење од неколку минути, па тој да го заврши излагаањето со укажување на перформансите на Лиса, сите нејзини апликации и поволностите што ги пружа. Без поддршка и вклученост на Том се чувствувам загубено и повторно ми се создава мачнина. Том ги поткрева рамената и ми кимнува со глава за да почнам.
Мајерс почнува да станува нервозен и да тропка со прстите по масата.
Се обидувам длабоко да вдишам, што во теорија ми помага да ја контролирам мачнината, и го извлекувам од торбата мобилниот телефон. Не е еден од нивните и Мајерс не го крие изразот на незадоволство, но совршено добро знам што правам. Не сакам да ризикувам, затоа го вчитав прототипот на апликацијата во мобилен телефон направен од друга компанија, и го блокирав секој контакт со сѐ друго освен со мојот лаптоп. Не се приклучивме ни на примамливата вај-фај мрежа на „Инфинити“. Во овој момент, компјутерот кој тукушто го ставив на масата и мојот телефон формираат затворен систем, заштитен со безбедносен код од 4,096 бита. Кога сите сервери на „Инфинити“, сместени во Колорадо, во индустриска хала со големина на шест фудбалски терени, би работеле истовремено на неговото дешифрирање, би им требало околу шест илјади години, еден век погоре-подолу. Се разбира, за да го направат тоа би морале да остават без електронска пошта дваесет проценти од светската популација, па дури тогаш би виделе што би правеле луѓето кога шест илјади години не би можеле едни на други да си праќаат видеоснимки со мачки.
„Претпоставувам дека ви објасниле што...“
„Не претпоставувајте ништо, господине Сакс. Не знам ништо за Лиса. Продадете ми ја.“
Неговите соработници, најверојатно, накратко му го навеле она што го подготвивме, сигурен сум во тоа. Се појавивме на некои блогови, ништо особено спектакуларно. „Џампинг креб“[2] – така ја нарековме нашата компанија, и тоа име одеднаш ми звучи смешно и детинесто – млада компанија од Чикаго, работи на нов систем за препознавање слики. По два или три реда во не толку важни печатени изданија, споменувајќи патем дека сме имале проблеми со обезбедувањето финансии, што е еуфемизам да се каже дека сме тропале од врата на врата на сите потенцијални инвеститори и дека сме сосем пропаднати.
Вината што никој не сакаше да ни даде ниту еден цент не е на Том, туку моја. Лиса е комплицирана, тоа е генијален изум, но не функционира секогаш, во голем дел поради ограничувањата што ѝ се наметнати од страна на мојата опседнатост со безбедност. Бев катастрофа на сите презентации. Во последните неколку месеци, пред неизбежeн банкрот, Том телефонираше во „Инфинити“ – една од ретките компании каде што сѐ уште не сме претрпеле неуспех – повеќе од сто пати, неуспешно. Сепак, пред две недели прими телефонски повик и му го закажаа денешниов, тукашниов, состанок, не со некој шеф на оддел, ништо во тој стил, туку со Закари Мајерс лично. Помалку ќе беше изненаден ако свети Петар го поканеше на состанок со Севишниот.
„Името Лиса е изведено од акронимот за алгоритам за пребарување со линеарна интерполација[3]. За разлика од традиционалните алгоритми, како што е програмата за обратно пребарување слики што ја нуди вашата компанија, тој не ги користи контурите на објектите за да утврди за што станува збор. Лиса бара дел од сликата што може да го препознае, и предвидува што најверојатно ќе биде пронајдено подоцна.“
„Преку статистичко учење. Веќе е пробано со тоа.“
„Но, тоа беше направено преку слики, во потрага по сличности меѓу контурите на сликите, за што се потребни речиси бесконечен број на споредби. Мојот алгоритам користи зборови.“
Мајерс ги подига веѓите. Не знам дали глуми или навистина е изненаден. Досега нема нешто што неговите службеници не му го кажале, слатко смеејќи ни се, претпоставувам.
„Тоа е невозможно, господине Сакс. Зборувате за интуиција. Вештачка интелигенција.“
Ако добивав по еден цент секојпат кога некој ми го велеше ова, ќе можев да си купам кауч наместо софата што морав да ја продадам на Ибеј минатата недела за да ја платам сметката за струја, па немаше да морам да седам на две дрвени гајби.
„Наместо да бара контури и да ги споредува со нејзината база на податоци, што би траело многу подолго и не би било прецизно, Лиса препознава еден параметар и ја утврдува веројатноста врз основа на контексни варијабли. Не се фокусира на самата слика, туку се обидува да разбере каде се вклопува, како мало дете кога гледа нешто ново.“

Артур беше тој што ме наведе на идејата на тој начин да ја програмирам Лиса. Артур и неговото посебно гледање на светот, толку нежно, толку наивно. Но, нема да му го споменам тоа. Никогаш со никого не зборувам за Артур.
„Господине Сакс, тоа што го предлагате е брилијантно, но тоа не е ништо друго освен научна фантастика.“
Том се исправа на седиштето и отвора уста да се побуни, но Мајерс го принудува да остане неподвижен како статуа, подигајќи деформиран прст со облик на палка за тапан. Од една папка вади три предмети и ги става пред себе на масата: кибрит, „пез“-фигура во облик на принцеза од Дизни и обично пенкало.
„Идентификувајте ги овие три предмети пред да истече времето, господине Сакс, и ќе го продолжиме разговорот.“
Со крајот од окото гледам во песочниот часовник и пресметувам дека нема преостанато дури ни четириесет секунди. Почнувам со пенкалото, тоа е наједноставно. Го скенирам со апликацијата, осигурувајќи се дека добро ја фокусирам марката на пенкалото. Потоа „пез“-фигурата. Принцезата на капачето е проблематична, бидејќи може да го наведе алгоритамот во стотина други насоки. Не знам како ќе реагира, и затоа двапати ја скенирам, еднаш од предната, а вториот пат отстрана, и го притискам копчето за праќање.
Конечно предизвикот, кибритот. Тој е оние во облик на книга, со многу текст а мал волумен. Се обидувам да го позиционирам под најдобриот агол, но Мајерс ме спречува.
„Без допирање, господине Сакс.“
Сонцето е при залез, а слабата светлина што влегува низ големите прозорци на дваесет и седмиот кат воопшто не е погодна за Лиса. Фотографирањето однапред нема којзнае колку да послужи, па затоа го поставувам мобилниот отстрана на мало растојание и сликам на начин да се гледаат и врвовите на чкорчињата. Кога го тргам телефонот, паѓа и последното зрно во песочниот часовник.
„Се плашам дека времето ви истече, господа“, вели Мајерс, станувајќи.
„Не сакате да ги видите резултатите?“, прашувам, обидувајќи се да добијам во време. Лиса сѐ уште не завибрира, што би означило дека пребарувањето завршило.
Мајерс ме погледнува, а потоа погледнува во телефонот. Забележувам како неговите правила се борат против љубопитноста. Конечно, таа победува и тој ја испружува раката. Му го додавам апаратот, а тој го притиска зеленото копче кое тукушто се појави на екранот.
„Првиот. Предмет“, вели женски глас, звучен и јасен. Најсензуалниот што го пронајдов во банките за звуци, но прави толку многу прекини, што уште малку недостига да му се допадне на човек: „Хемиско пенкало. ’Унибол’. ’Ај микро’. Црно. Боја. Достапно во ’Инфинити шопинг’. Цена. 2,38 долари. Дали сакаш да го нарачам, Сајмон?“
„Не, благодарам, Лиса. Премини на следниот.“
Апликацијата паузира додека ја обработува мојата наредба и за момент се плашам дека се блокирала.
„Вториот. Предмет“, вели најпосле. „Фигура. Со. Бонбони. ’Пез’. Повеќе модели. Достапни во ’Инфинити шопинг’. Од. 3,01 долар. Дали сакаш да одиш во продавницата, Сајмон?“
„Не, Лиса. Премини на следниот.“
Си ги заривам ноктите во дланките. Ќе боли.
„Третиот. Предмет. Резултати. Недоволни за заклучок.“
Не успеала да го препознае кибритот. Чувствувам како ме удира поразот и се навалувам на столот, не осмелувајќи се да го погледнам Мајерс в очи. Се спушта бесконечно долга тишина, а Том се осмелува да ја разбие.
„Дали сега можам да кажам нешто, господине Мајерс?“
Основачот на „Инфинити“ незабележливо кимнува со главата, не тргајќи го погледот од мене.
„Ако дозволувате, господине, Лиса има бескрајно многу апликации. На почетокот, Сајмон ја смисли како систем што ќе им го олесни купувањето на луѓето. Доволно е да се види некој предмет, да се скенира со апликацијата и готово, можете да го купите. Не ви треба бар-код, па дури ни неговото име. Се возите в автобус, гледате нечии патики и по десет секунди можете да ги нарачате во некоја онлајн продавница.“
Нема потреба Том да му кажува дека прелистувачот автоматски ќе ја избере продавницата „Инфинити шопинг“, тешка главоболка за Закари Мајерс, секогаш два чекори зад „Амазон“. Ниту па треба да му објаснува што би можела да направи таа апликација за неговиот бизнис.
Лиса претставува промена на играта, најголемата револуција кај новите технологии откако Стив Џобс во 2007 година го престави „ајфонот“.
„Но, Лиса може многу повеќе од помош во купувањето. Алгоритамот на Сајмон е со скалабилно учење, господине, колку повеќе знае, толку повеќе учи и порано дава резултати. А за две до три години би можеле да продаваме лиценци за образовни, уметнички, индустриски и истражувачки апликации.“
„Ако работи“, промрмори Мајерс, подигајќи го кибритот.
„Ќе ни требаат пари за да го усовршиме алгоритамот, за базите на податоци...“
Мажот од другата страна на масата се здрвува, се слуша како му потпукнуваат прешлените додека телото му се стега, подготвувајќи се за борба. Сега е на свој терен.
„Колку?“
Том, не ме изневерувај сега, помислувам. Не дозволувај да ти затрепери гласот.
„Десет милиони долари за почеток, во замена за десет проценти од акциите“, вели Том, еднакво лежерно како кога би читал дневна листа на јадења. Никој не би рекол дека пред два часа тој побара заем од мојата сосетка за да стави бензин во неговиот автомобил. „Сто милиони во вториот круг за уште десет проценти. Петстотини милиони во третиот круг, отворен за сите понудувачи, за останатите дваесет проценти.“
Мајерс се воздржува да не пукне од смеа, испуштајќи непријатен звук, како мешина која не е сосем наполнета.
„Кажавте дека Лиса има многу апликации, господине Вилсон. Кој ќе одлучува какви ќе бидат?“
„Сајмон и јас ќе контролираме педесет и еден процент од акциите.“
„Не верувам дека сте во позиција да постигнете толку добар договор, господине Вилсон. Вашата апликација работи повремено, има оскудна интеракција, а корисничкиот интерфејс има многу недостатоци. Да не ја споменувам вашата финансиска состојба. Банкарската сметка на вашиот партнер е во минус за седумстотини долари“, вели, посочувајќи со прстот во мене, „и не верувам дека може да ги исплати двете хипотеки што ги подигнал на име на куќата на неговите родители. А и вашата состојба не е подобра. Ниту на вашите тројца вработени, кои со месеци не ја примиле својата мизерна плата.“
Том ме гледа, преправајќи се дека е шокиран, но двајцата знаевме дека ќе се случи ова. Ниту еден мултимилионер не се состанува со некои непознати кои доаѓаат да бараат пари од него без да нарача финансиски извештај.
„Сигурен сум дека можеме да постигнеме договор, под услов ’Инфинити’ да биде сопственик на технологијата“, продолжува Мајерс.
„Тоа нема да се случи“, вели Том. „Ако не сакате да учествувате, во ред. Ќе најдеме некој што сака.“
„Веќе тропнавте на секоја врата. Како ќе ги плаќате сметките дотогаш?“
Во моментов помислувам на епизода од „Лудата дружина“ што порано сум ја гледал со Артур. Жедниот Душко Долгоушко едвај се влече низ пустина во потрага по оаза, а паторот Дафи се појавува од зад карпа и продава чаши со лимонада како да се од суво злато. Тоа е највалканиот и најстариот трик на светот. Се прашувам дали затоа не нѐ примија порано во „Инфинити“. Мајерс ја сака оваа технологија, ја сака од дното на душата, и нѐ надлетувал во кругови, чекајќи да влеземе во критична ситуација за да не можеме да преговараме.
Лиса е речиси готова“, вели Том. „Ќе му ја покажеме на друг инвеститор.“
„Не, не е готова. Имаше полн погодок со производ на кој е напишан моделот, делумен погодок со бонбоните и неуспех со кибритот. Ќе ви требаат повеќе од десет милиони долари за да направите база на податоци за слики и исклучително многу терафлопси[1] моќност за да постигнете Лиса да учи.“ Можам да ви го понудам сето тоа. Подготвен сум да ја купам вашата технологија и да ве вклучам во тим со шестцифрена плата, здравствено осигурување за вас и вашето потесно семејство“, вели тој, гледајќи ме со крајот од окото.
Тоа споменување на Артур, па макар и со индиции, е повеќе отколку што можам да поднесам, па станувам.
„Господине Мајерс“, велам, обидувајќи се да звучам решително. „Шест години внесувам пет милиони редови од кодот на Лиса. Дали мислите дека вашите инженери ќе можат да дознаат како сум го направил тоа? Е па, со среќа, затоа што повеќе би сакал да работам во ’Мекдоналдс’ отколку да ви ги продадам моите идеи за плата и осигурување заради одење на стоматолог.“
Кога завршив, гласот ми трепери до тој степен што едвај се разбираше еден од секои три слога, но почувствував дека Мајерс ја разбра пораката, бидејќи стана и ја напушти салата за состаноци бесен како рис.
Том ме тапка по рамото.
„Честитам, Сајмон“, вели тој. „Тукушто нѐ уништи.“
 
 
 
 
 
 
3
Хокејската палка
 
Том и јас се возиме назад во непријатна тишина. Забележувам како огорченоста и фрустрацијата избиваат од него во наизменични бранови. Благодарен сум што се празни на менувачот на стариот „форд фиеста“ наместо да ми го свитка вратот.
„Слушај, Том...“
Како и секогаш, пред да нападне, ме чека да почнам да се извинувам. Така е уште откога се запознавме, пред осум години, кога и двајцата бевме последна година на факултет. Мене тукушто ми умреа родителите и се обидував да заработам дополнителни пари со поправка на компјутери за да му обезбедам на Артур сѐ што му требаше. Том го третираше својот лаптоп речиси на ист начин како што се однесуваше кон „форд фиестата“ – оваа истата – па му требаше сета помош што можев да му ја дадам. Кога ја завршив поправката, тој рече дека нема пари да ми плати, но дека ќе ме почести пиво. По шестата тура, станавме пријатели. Том сакаше да зборува до бескрај, а јас да ја пополнам тишината што ме следеше насекаде како дополнителен дел на моето тело. Иако сега на тоа гледам поинаку, можеби. Том е сѐ што не сум јас: порој од бесцелна енергија, реклама без производ. Наоѓајќи ме мене, тој откри каде ќе оди и што ќе продава, а јас му го одзедов тоа.
„Не, слушај ме ти мене“, вели и свртува десно, вртејќи го воланот толку силно што се поместив. „Можев да одам во некоја важна адвокатска фирма, наместо овде-онде да прифаќам посрани работни места, и, всушност, не можев никаде да се вработам затоа што морав да ја организирам оваа компанија, да ги водам твоите сметки, да разговарам со инвеститори. Добро, можеби не некоја навистина позната фирма, но можев да станам дел од некоја од пониска класа. Сега ќе имав добра плата и автомобил помлад од дваесет години. Пред возраст од четириесет години би станал партнер. Но, оставив сѐ така како што е поради твоја вина, будалетинке. Ми се заколна дека ќе станеме богати.“
Се преместува во друга лента без да сигнализира и не го трга прстот од свирката додека ги престигнува автомобилите што не се движат онолку брзо колку што тој би сакал, што во случајот на Том е барем десет километри над дозволената граница.
„Говедо, вози на твојата страна!“, вика во ретровизорот. „Не барав премногу. Би бил задоволен да извлечевме барем одреден надомест за времето што му го посветивме на ова, а Мајерс беше нашата последна шанса. Сега немаме ништо, до грло сме во долгови. Дали размислуваше што ќе се случи со Артур за неколку седмици, кога луѓето од домот ќе престанат да мислат дека чекот е во поштата?“
Не му се лутам на Том што зборува за Артур, затоа што Том е член на семејството, затоа што е во право и затоа што се плашам дека, ако се намуртам, ќе удриме во заштитната ограда при излегувањето од кружниот тек.
„’Инфинити’ ни пружи излез, Сајмон. Не беше совршен, се разбира дека не беше, но беше добар излез. А ти го уништи.“
Задниот браник на „фиестата“ поминува на помалку од три сантиметри од друг автомобил. Моторот се буни како да ќе експлодира во секој момент, а јас се фаќам за седиштето, прашувајќи се дали ќе стигнеме живи.
Кога тој конечно закочува на два агли од мојата куќа, воздивнувам излегувајќи од автомобилот, но Том уште еднаш ме тера да почувствувам кнедла во грлото, овој пат за нешто друго.
„Знаеш ли што навистина ме нервира, Сајмон?“, прашува, наведнувајќи се кон прозорецот кај совозачкото седиште. „Тоа што ти никогаш ништо не кажуваш. Секогаш молчиш, во твојот свет, чекаш некој друг за тебе да ги извади костените од жарта, да открие какви мисли ти се вртат низ главата. Долго време те охрабрувам да го изразиш тоа што го држиш внатре, да се осмелиш да им го фрлиш на сите в лице тоа колку многу вредиш. А кога дојде денот да го направиш тоа првпат, расипуваш сѐ.“
Заминува чкрипејќи со гумите, оставајќи црн отпечаток на асфалтот и на мојата совест. Мојата постапка не беше коректна кон Том, но спротивното не би било коректно кон Лиса. Би сакал да му го објаснам тоа, да се обидам да ги средам работите со него, но „форд фиестата“ сега е само точка на крајот од улицата.
 
 
Небото добива валканосива боја на шкрилец, во согласност со моите мисли, а уличните светилки оживуваат кога вртам кон мојата куќа, во слепата улица на крајот од соседството. Овде живеам цел живот, иако ова веќе не е населба на повисоката средна класа како во времето кога на мајка ми, бремена со мене, ѝ се допаднало. Кризата доведе до тоа многумина да ги продадат домовите и да се преселат од Чикаго во Индијана или во Мисури, каде што недвижнините се поевтини. Цената на квадратен метар драстично опадна, и многу куќи се празни, со прозорци заковани со клинци во залуден обид да се задржат младите да не се пикаат таму за да пијат, да се дрогираат или да водат љубов.
Гледам оддалеку неколкумина како играат хокеј во проширувањето помеѓу мојата и напречната улица. Не би обрнал внимание на нив ако не беше една фигура што се движи многу исправено, со краток и брз чекор, и застанува сред групата. Едно дете, идиот повисок и покрупен од останатите, во црна маица со апликација на череп, во тој момент ја крева палката за да замавне кон голот направен од два ранци. Налетува на новодојденец и само што не паднал.
„Дали си некој дебил, или што?“, прашува Черепот, туркајќи го.
„Да, другар, зар не гледаш?“, вели другиот, смеејќи се.
Го опкружуваат. Го допираат, го тресат, се смеат на неговите темни, закосени очи, на лицето заоблено како месечина, на кратките прсти. Тој исплашено гледа наоколу. Сака да престанат.
Тоа е Артур.
„Што ти е, дебилу?“, прашува Черепот, фаќајќи го за рака. „Откачуваш кога ќе видиш олку умни луѓе, нели?“
„Се посрал в панталони, сигурно“, вели друго момче.
„Дали е точно, дебилу?“
Артур не одговара, само гледа вземи, не разбирајќи ништо.
„Ќе провериме“, вели Черепот и го зграпчува за ременот. „Да видиме каква боја му се гаќите на дебилот.“
Артур испушта звуци на спротивставување, нечујни за мене, кој со големи чекори одам по улицата, брзајќи да му помогнам, пцуејќи се себеси што сум толку бавен и тежок. И онака нема потреба да го слушнам. Го слушам со години. Тоа е придушено, длабоко, трогателно цимолење. Повик за помош на беспомошно и невино суштество, некој што не разбира зошто е нападнат бидејќи во неговото срце има само добрина. Да се повреди такво суштество е неприфатливо сурово.
Влетувам во средината на кругот, тргајќи ги децата настрана. Не морам ни да ги употребам рацете, две педи сум повисок од нив. Нивниот водач, Черепот, е веќе нешто друго. Сигурно е последна година во средно училиште, висок е метар и осумдесет и има широк грб. Еден од оние силеџии кој многу бргу се развил, што еден ден открил дека му се допаѓа другите да се плашат од него и се опкружил со мноштво послаби од себе. Ги гледам во двете секунди што ми се потребни да стигнам до него: момче што му ги пишува домашните задачи, момче кое се смее на неговите шеги, момче кое се стреми да стане водач, но се задоволува со тоа да биде снагатор. Кога си губитник како мене, ќе научиш да ги препознаваш своите непријатели, да ги избегнуваш. Но, сега го малтретираат Артур.
Го фаќам Череп за рамо, не давајќи му време да реагира. Му ја земам палката од рака. Се бори за да го досегне пак, да ме тргне од себе. Тој е крупен и силен. Но, јас сум покрупен и посилен.
Го фрлам наземи, на грб. Се обидува да стане на нозе, но јас ја фаќам палката за рачката обложена со пластика, порано бела а сега сивкава од пот и нечистотија, и го поставувам сечилото до неговата брада.
„Тризомија на дваесет и првиот пар. Од тоа боледува Артур. Неговите гени имаат уште еден хромозом. Тој не го избрал тоа, како што ни ти не си избрал да имаш руса коса. Повтори, сакам да бидам сигурен дека добро си научил. Тризомија на дваесет и првиот пар.“
Череп ме гледа со широко отворени очи. Не е навикнат да губи. Ја принесува дланката кон лицето, обидувајќи се да го тргне крајот на палката од брадата. Јас уште повеќе притискам.
„Дали си луд, човеку? Тоа боли!“
Не можам да поднесам ниту едно политички коректно име што луѓето му го даваат на ова заболување: Даунов синдром. Ретардација на умот. Посебност. А ако ви падне на ум да изговорите гласно некоја од вообичаените навреди – дебил, монголоид, имбецил – најверојатно ќе ви ја скршам тимбата. Не сум насилен, но никој не смее да го навредува брат ми.
Никогаш.
„Не знам дали сум луд“, одговарам, притискајќи ја малку посилно палката до неговата уста. „Можеби сум. Засега сум на работ да ти ги скршам забите ако не послушаш.“
Череп гледа наоколу. Сите другари го гледаат и тој не е подготвен да го загуби статусот на алфа мажјак. Се обидува да се извлече лазејќи наназад, во положба недостојна за водач, но јас го згазнувам работ на неговите раперски панталони па тој паѓа на задникот, гребејќи си ги лактите.
„По ѓаволите!“
Повторно му ја ставам палката на уста, така што остриот раб му ја притиска долната усна врз непцата.
„Тризомија на дваесет и првиот пар. Од тоа боледува Артур. Повтори.“
„Тризомија на дваесет и првиот пар! Тризомија на дваесет и првиот пар! Ете! Среќен?!“
Ја фаќам хокејската палка со двете раце – дебела палка од добар даб – и ја кршам од десното колено со придушено, разорно крцкање. Боли страшно, но издржувам. Вреди човек да се потруди за да се видат нивните исплашени лица. Овие деца практично дошле на овој свет со една таква палка под пазува, и знаат дека е потребна огромна сила за да се скрши.
„Сега сум“, велам, фрлајќи ги остатоците од палката над Череп. „Губете се одовде.“
Децата го трансформираат кругот околу нас и бегаат во стампедо. Череп е последен, и кога се наоѓа на безбедна далечина, се врти и ми довикува:
„Кога ќе те фатам, ќе те убијам, кретену!“
Го игнорирам, се вртам кон Артур и ги пружам рацете кон него. Првин малку се воздржува, сѐ уште е преплашен. Ме гледа, со левата рака го повлекува десниот ракав, прави чекор налево, па надесно. Не го брзам, не правам никакво ненадејно движење што би го исплашило уште повеќе. Конечно попушта и доаѓа да го утешам; ме прегрнува, си ја нурнува главата во моите гради и почнува да плаче.
„Ме турнаа, Сајмон.“
„Знам, Артур.“
 
 .............................................................................................................................................................................................