ИЗВАДОК ОД „КРАДАЧКАТА НА КНИГИ“ - МАРКУС ЗУСАК

СМРТ И ЧОКОЛАДА
 
 Првин боите.
Потоа луѓето.
Така обично ги гледам работите.
Или, барем се обидувам.

 
ЕВЕ ЕДЕН МАЛ ФАКТ * * *
Ќе умрете
 
Јас најискрено се обидувам да бидам ведра во поглед на целата таа работа, иако на повеќето луѓе им е тешко да ми поверуваат, колку и да ги убедувам. Ве молам, верувајте ми. Сосем сигурно, јас можам да бидам весела. Можам да бидам мила. Драга. Љубезна. А, тоа е само почеток на набројувањето. Само не барајте да бидам добра. Добрината нема никаква врска со мене.
 
РЕАКЦИЈА НА
ГОРЕСПОМЕНАТИОТ ФАКТ
Дали ова ве загрижува?
Ве уверувам – нема од што да се плашите.
Праведноста не може никој да ми ја оспори.
Се разбира, претставување.
Почеток.
Како сум воспитана?
Би можела прописно да се претставам, но тоа не е неопходно. Ќе ме запознаете вие мене многу добро и доволно брзо, веќе во зависност од различните фактори. Доволно е да се каже дека во некој момент ќе стојам над вас, што е можно пољубезно. Вашата душа ќе биде во моите раце. На рамото ќе ми биде засадена боја. Нежно ќе ве однесам.
Во тој момент, вие ќе лежите (ретко наоѓам луѓе како стојат). Ќе бидете скоравени во сопственото тело. Можеби ќе сфатите; низ воздухот ќе се рашири крик. Единствениот звук што потоа ќе го слушнам ќе биде моето сопствено дишење, и звукот на мирисот, моите чекори.
Прашањето гласи: кои сѐ бои ќе ги има, кога ќе дојдам по вас? Што ќе кажува небото?
Лично, го сакам небото со боја на чоколада. На темна, темна чоколада. Луѓето велат дека ми прилега. Јас, меѓутоа, се обидувам да уживам во секоја боја што ја гледам – во целиот спектар. Во милијардите нијанси, од кои ниедна не е сосем иста, и во небото кое е добро полека да се цица, како бонбона. Ја ублажува напнатоста. Ми помага да се олабавам.
 
ЕДНА МАЛА ТЕОРИЈА
Луѓето ги забележуваат боите на денот само при неговиот почеток или на крајот, но мене ми е сосем јасно дека денот во секој момент се движи низ мноштво сенки и тонови. Најобичниот час може да се состои од илјада различни бои. Восочно жолти, сини исплукани од облаците.
Намуртени темнини.
Вршејќи ја ваквата работа, искрено се трудам
да ги забележувам.
Како што веќе напоменав, спасот го наоѓам во одвраќањето на вниманието. Така го чувам здравиот разум. Тоа ми помага да истуркам, имајќи предвид колку долго се занимавам со оваа работа. Маката е што нема кој да ме замени. Кој би можел да се уфрли наместо мене, додека јас малку се одморам на некоја популарна туристичка дестинација, било да станува збор за тропска или за скијачка варијанта? Одговорот е, се разбира, никој, што ме наведе свесно и намерно да решам својот одмор да го најдам во одвраќањето на вниманието. Непотребно е и да се каже, се одморам малку по малку. Во боите.
Сепак, можеби ќе се запрашате: што ќе ѝ е нејзе воопшто одмор? Од што тоа ѝ треба одвраќање на вниманието?
Што, пак, ме води до следната точка.
Преостанатите луѓе.
Преживеаните.
Нив не можам да ги гледам, иако во многу случаи, сепак, кикснувам. Намерно ги барам боите за да не мислам на нив, но овде-онде, ги забележувам оние кои останале, стутулени под товарот на сфаќањата, на очајот и изненадувањето. Ним им се прободени срцата. Ним им се здробени градите.
Што, пак, повторно ме води до темата за која ви зборувам ноќва, или денеска, или кој и да е часот или бојата. Тоа е приказна за еден од оние вечно преживеаните – стручњакот за преостанување.
Тоа е една мала приказна, меѓу другото и за:
• девојчето
• зборовите
• хармоникашот
• некои фанатични Германци
• еврејскиот боксер
• и навистина многу кражби.
 
Крадачката на книги ја видов три пати. 
 
 
 ПОКРАЈ ШИНИТЕ
 
 
 Првин, нешто е бело. Заслепувачки бело.
Некои од вас сигурно тврдат дека белата и не е боја и слични глупости. Е па, јас ќе ви кажам дека е. Белата, без какво и да е сомневање, е боја, и лично, мислам дека ви е најдобро да не се расправате со мене.
 
ОХРАБРУВАЧКИ ПРОГЛАС
Ве молам, бидете мирни, и покрај оваа пред малку упатена закана.
Само зборувам залудно –
Не сум насилна.
Не сум лоша.
Јас сум исходот.
 
Да, беше бела.
Изгледаше како целата Земјина топка да е облечена со снег. Како да го наврела на себе, онака како што се навира џемпер. Покрај шините, трагите во снегот беа длабоки до колена. Дрвјата беа оковани од мраз.
Како што и можете да очекувате, некој умрел.
* * *
Не можеа туку-така да го остават наземи. Сега тоа не беше проблем, но наскоро пругата ќе биде расчистена и возот ќе мора да тргне.
Тука беа двајца стражари.
Тука беа мајката и ќерка ѝ.
Еден труп.
Мајката, девојчето и трупот тврдоглаво молчеа.
 
„Добро, што уште сакате да направам?“
Едниот стражар беше висок, другиот низок. Високиот секогаш зборуваше прв, иако не беше надреден. Погледна во оној помалиот, позаоблениот. Оној со сочно румено лице.
„Па“, гласеше одговорот, „не можеме туку-така да ги оставиме.“
Високиот го губеше трпението. „Ама зошто не?“
А малиот само што не експлодира. Погледна во брадата на високиот и извика: „Шпинст ду? Глупав ли си?“ Гнасењето на неговите образи стануваше сѐ посилно. Кожата му се развлече. „Ајде“, рече цапајќи низ снегот. „Ако треба, сите тројца ќе ги однесеме назад. Ќе ја известиме следната станица.“
 
А јас, јас веќе ја направив најосновната грешка. Не можам ни да ви опишам колку се разочарав самата себеси. Отпрвин направив сѐ како што треба:
Го проучив заслепувачкото, бело снежно небо кое стоеше на прозорецот од возот во движење. Речиси го вдишав, но сепак, се поколебав, се закачив – се заинтересирав. За девојчето. Ме обзеде љубопитство и решив да останам и да гледам, колку што ќе ми го дозволат обврските.
Дваесет и три минути подоцна, кога возот застана, слегов со нив.
Малата душа ми беше во рацете.
Стоев само малку оддесно.
 
Веселиот стражарски двоец се врати до мајката, до девојчето и до малиот труп. Јасно се сеќавам дека тој ден гласно дишев. Ме чуди што стражарите не ме забележаа додека минуваа покрај мене. Светот сега се свиваше под тежината на тој голем снег.
На некои десетина метри од мојата лева страна, стоеше бледото девојче со празен стомак, премрзнато.
Усните му се тресеа.
Мраз-студените раце ги држеше прекрстени.
Солзите беа замрзнати на лицето од крадачката на книги.
 
 
 ЗАТЕМНУВАЊЕ

Следната е мастилно црна, да речеме, за да ја покаже крајноста на мојата сестраност. Тоа беше најмрачниот момент пред рани зори.
Овој пат дојдов по човек од некои дваесет и четири години. Тоа, на извесен начин, беше убаво. Авионот и понатаму поткашлуваше. Чад истекуваше од неговите бели дробови.
Кога се урна, направи три длабоки лузни во земјата. Крилата сега му беа поткастрени. Нема веќе мавтање. Не за оваа метална птичка.
 
УШТЕ НЕКОИ МАЛИ ВИСТИНИ
Понекогаш пристигнувам прерано.
Брзам,
а некои луѓе се држат за животот
подолго отколку што се очекува.
 
По малата збирка од минути, чадот се исцрпи.
Веќе не преостана ништо.
Момчето стигна прво, со испрекинат здив, носејќи нешто што личеше на кутија за алат. Со голем страв пријде до пилотската кабина и се загледа во пилотот проценувајќи дали е жив, а тогаш овој и беше жив. Крадачката на книги пристигна можеби некои триесетина секунди подоцна.
Поминаа години, но ја препознав.
Бревташе.
 
Од кутијата за алат, момчето извлече, ништо друго, туку кадифено мече. Ја испружи раката низ искршеното стакло од кабината и го стави врз градите на пилотот. Насмеаното мече се стутка покрај остатоците од човекот и од крвта. Неколку минути подоцна, ја искористив својата шанса. Чукна часот.
Влегов, му ја ослободив душата и нежно ја изнесов.
Останаа само телото, мирисот на чад што се губеше и насмеаното мече.
 
Кога толпата се собра во полн состав, работите, се разбира, се сменија. Хоризонтот почна да чади. Од црнилата сега преостана само чкртаница, а и таа забрзано бледнееше.
Човекот, колку за споредба, беше со боја на коска. Кожата со боја на костур. Во испокината униформа. Очите му беа студени и костенливи – како дамки од кафе – и последната шара озгора формираше необична, но за мене, сепак, добро позната форма. Потпис.
 
Толпата го правеше она што толпите го прават.
Додека се пробивав, секој стоеше во сопствената тишина. Беше тоа една мала смеса од испрекинати движења на рацете, од придушени реченици и од неми, сами со себе обземени ликови.
Кога погледнав кон авионот, отворената уста на пилотот како да се насмевнуваше.
Последната невкусна шега.
Уште една човечка досетка.
Остана обвиткан со својата униформа, додека сивкавата светлина се бореше со небото. Како и кај многу други, кога тргнав назад, како за момент да се надви некоја сенка, конечниот момент на замрачување – потврда дека заминала уште една душа.
Видете, јас, во моментот, наспроти сите бои што се допираат и се натпреваруваат на ова место, често го забележувам затемнувањето кога умира човек.
Сум ги видела со милиони.
Сум видела повеќе затемнувања отколку што паметам.
 
 
 ЗНАМЕ
 
 
Последниот пат кога ја видов, беше црвено. Небото беше како чорба, се крчкаше и се мешаше. На некои места беше загорено. Преку црвенилото се ширеа црни трошки и бибер.
Пред тоа, децата тука прескокнуваа јаже, на улицата која личеше на измрсени страници. Кога стигнав, сѐ уште ги слушав одеците. Стапала што тропкаат по патот. Насмеани детски гласови и насмевки слични на сол, кои сепак, брзо се растураа.
Потоа, бомби.
 
Овој пат, сѐ беше предоцна.
Сирени. Крици од кукавици во радиото. Сѐ е предоцна.
 
За неколку минути се натрупаа ридишта бетон и земја. Улиците беа пресечени вени. Крв течеше сѐ додека не се исуши на патот, а тела беа расфрлани како гранки по поплава.
Сите беа прилепени, сите до последната. Пакет од души.
Дали тоа беше судбината?
Лошата среќа?
Дали тоа така ги залепило?
Се разбира, не.
Да не бидеме глупави.
Веројатно тоа имаше повеќе врска со фрлените бомби, што ги пуштаа луѓето кои се криеја во облаците.
Да, небото сега беше ужасно црвено, како усвитено на печка. Тоа германско гратче уште еднаш е разорено. Снегулките од пепел паѓаа толку прекрасно, така што, едноставно, би ви дошло да го исплазите јазикот за да ги дофатите, да ги пробате. Само, ќе ви ги изгорат усните. Би ја џишнале устата.
 
Сосем јасно го гледам тоа.
Тукушто се подготвував да тргнам, кога ја забележав како клечи.
Планинскиот венец од урнатини беше испишан, создаден, подигнат околу неа. Таа ја стегаше книгата.
 
Сред сето тоа, крадачката на книги очајно сакаше да се врати во подрумот, да пишува или да ја прочита својата приказна уште еднаш, за последен пат. Сега кога ќе се сетам на неа, тоа лесно можам да го прочитам на нејзиното лице. Умираше за тоа – за безбедноста, за чувството на домот – но, не можеше да се помрдне. А, ни подрумот веќе не постоеше. Тој беше дел од осакатениот предел.
 
Ве молам, повторно барам да ми верувате.
Сакав да застанам. Да се наведнам.
Сакав да кажам.
„Жал ми е, дете.“
Но, тоа не е дозволено.
Не се наведнав. Не реков.
Наместо тоа, некое време набљудував. Кога успеа да се придвижи, тргнав по неа.
 
Ја испушти книгата.
Клекна.
Крадачката на книги крикна.
* * *
Кога почна расчистувањето, неколку пати ја згазнаа нејзината книга и иако беше наредено да се отстрани само шутот, најголемата скапоценост на девојчето беше уфрлена во камионот со отпад. Тогаш не можев да одолеам. Се качив на камионот и си ја зедов книгата, не насетувајќи дека во текот на годините, на своите патувања, нејзината приказна ќе ја прочитам неколку стотици пати. Ќе ги гледам местата каде што ни се вкрстуваа патиштата и ќе се чудам на она што девојчето го видело и како го преживеало. Тоа беше најмногу што можев да направам – да набљудувам како се вклопува со сето она во што присуствував во тоа време.
 
Кога ќе се сетам на неа, гледам долга низа бои, но најживо ги паметам оние трите во кои ја сретнав. Понекогаш ми успева да се издигнам далеку над овие три моменти. Лебдам сѐ додека загадената вистина не протече, оставајќи празнина.
Тогаш ги гледам како настануваат.
 
БОИ:
ЦРВЕНА, БЕЛА, ЦРНА 
 
Тие паѓаа една врз друга. Размачканата мастилно црна на заслепувачката светска бела, на густата чорбесто црвена.
Да, често се сеќавам на неа, а во еден од моите многубројни џебови ја чував нејзината приказна, за да можам да ја прераскажам. Една е од мноштвото што ги носам, секоја извонредна на свој начин. Секоја од нив обид – обид над обидите – да ми се докаже како вие и вашето човечко постоење имате смисла.
Еве ја. Една од мноштвото.
Крадачката на книги.
Ако немате ништо против, тргнете по мене. Ќе ви раскажам приказна.
Нешто ќе ви покажам.

 
ПРВ ДЕЛ
 
прирачник за гробари
 
 
учествуваат:
улица химел – уметност на зауменшингување –
жена со железна тупаница – обид за бакнеж –
џеси овенс – шмиргла – мирис на пријателство –
првак во тешка категорија – вачен над вачените
 

 ДОАЃАЊЕТО ВО УЛИЦАТА ХИМЕЛ
 
 
Тој последен пат.
Тоа црвено небо...
Како крадачката на книги заврши клечејќи и врескајќи покрај нереалниот мрсен и запален куп од урнатини?
Неколку години порано, почетокот беше снег.
Чукна часот. За еден.
 
 
ЧУДЕСНО ТРАГИЧЕН МОМЕНТ
Возот се движеше брзо.
Беше преполн со луѓе.
Шестгодишно момче
умре во третиот вагон.
 
Крадачката на книги и брат ѝ патуваа кон Минхен, каде што наскоро ќе им бидат предадени на старателите.
Сега, се разбира, знаеме дека момчето не стигна таму.
 
 
КАКО СЕ СЛУЧИ ТОА
Настапи жесток
напад на кашлица.
Речиси инспириран напад.
И не многу потоа – ништо.
Кога кашлицата престана, немаше веќе ништо освен ништожноста на животот кој продолжуваше тромаво или со речиси нечујно движење. На неговите усни, што беа со ’рѓосано костенлива боја и што се ронеа како стара боја, тогаш се појави завареност. Плачеа за повторно молерисување.
Мајка им спиеше.
Влегов во возот.
Минав низ преполниот ходник и мојата дланка за момент се најде на неговите усни.
Никој не забележа.
Возот татнеше понатаму.
Освен девојчето.
 
Со едното око отворено, а со другото и понатаму во сон, крадачката на книги – позната и како Лизел Мемингер – несомнено можеше да види како нејзиниот помлад брат Вернер сега лежи на страна, мртов.
Неговите сини очи се џареа во подот.
Не гледајќи ништо.
 
Пред да се разбуди, крадачката на книги го сонувала Фирерот, Адолф Хитлер. Во сонот била на некој собир каде што тој говорел, загледана во неговиот патец со боја на череп и во совршениот квадрат од неговите мустаќи. Задоволно го слушала поројот од зборови кој му извирал од устата. Неговите реченици блескале на светлината. Кога малку стивнал, се наведнал и ѝ се насмевнал. Му возвратила со иста мера и рекла: Гутен Tаг, Хер Фирер. Ви гет’с дир хојт?“ Не научила баш најдобро да зборува, дури ни да чита, бидејќи училиштето не го посетувала често. Што било причина за тоа, ќе открие кога за тоа ќе дојде часот.
Токму кога Фирерот требало да ѝ одговори, таа се разбуди.
Беше јануари 1939 години. Имаше девет години и беше на прагот од десеттата.
Брат ѝ беше мртов.
 
Едното око отворено.
Другото и натаму во сон.
Ќе беше подобро да беше сосем во сон, претпоставувам, но на тоа, навистина, не можев да влијаам.
Другото око разбудено потскокна, и ме забележа, во тоа немаше никаков сомнеж. Беше тоа токму тогаш кога клекнав и му ја отстранив душата, држејќи ја млитава во отечените раце. Не многу потоа се стопли, но кога го прибрав, духот на момчето беше мек и студен, како сладолед. Почна да ми се топи во рацете. А, потоа, сосем се стопли. Излекуван.
Лизел Мемингер круто се помрдна под навалицата мисли. Eс штимт нихт. Ова не се случува. Ова не се случува.
А, потоа, дрмолење.
Зошто ли секогаш ги дрмолат?
Да, знам, знам. Веројатно тоа има некаква врска со инстинктите. За да запре поројот на вистината. Во тој час срцето ѝ беше лизгаво и врело, и гласно, толку гласно, толку гласно.
Непромислено, останав. И, гледав.
 
Потоа, мајка ѝ.
Ја разбуди со истото растроено дрмолење.
Ако сето ова не можете да го замислите, претставете си ја несмасната тишина. Претставете си ги делчињата и парчињата очај што пловат. И, давењето во возот.
 
Снегот неумоливо врнеше и сообраќајот кон Минхен беше во прекин поради неисправните шини. Жената липаше. Девојчето, умртвено, стоеше покрај неа.
Во паника, мајката ја отвори вратата.
Слезе во снегот, држејќи го малото тело.
Што му преостана на девојчето, освен да ја следи.
 
Како што веќе сте информирани, двајцата стражари исто така се симнаа од возот. Се расправаа и се препираа што да прават. Состојбата, најблаго речено, беше непријатна. На крајот, беше решено сите тројца да бидат однесени до следното населено место и таму да бидат оставени, за да ги средат работите.
Овој пат, возот куцаше низ завеаниот пејзаж.
Се заниша и застана.
Зачекорија на перонот. Мајката го држеше телото в раце.
Стоеја.
Момчето стануваше сѐ потешко.
 
Лизел немаше поим каде се наоѓа. Сѐ беше бело и додека беа на станицата, единствено можеше да се џари во избледениот натпис пред себе. За Лизел овој град беше безимен, а токму тука, два дена подоцна, нејзиниот брат Вернер ќе биде погребан. Присутни беа свештеникот и двајцата измрзнати гробари.
 
ЕДНО ЗАБЕЛЕЖУВАЊЕ
Двајца стражари од возот.
Двајца гробари.
Во суштина, едниот од нив
го водеше главниот збор.

Другиот го прави она што му се кажува.
Прашањето гласи: што ако
овој вториов не е само еден?
 
Грешки, грешки. Понекогаш ми се чини дека само за нив сум и способна.
Два дена се занимавав со мојата работа. Патував низ светот како и секогаш, предавајќи ги душите на подвижната лента од вечноста. Ги гледав како без отпор се тркалаат натаму. Неколку пати се предупредив самата себеси дека би требало да се држам понастрана од погребот на братот на Лизел Мемингер. Не го послушав сопствениот совет.
Веќе на оддалеченост од неколку километри, додека се приближував, забележав помала група луѓе, како замрзнати стојат сред снежната пустина. Гробиштата ме поздравија како пријателка и наскоро бев со нив. Ја наведнав главата.
 
Лево од Лизел, гробарите ги триеја дланките и незадоволно мрмореа поради снегот и моменталните услови за копање. „Тешко е да се пробиеме низ толкав мраз“, и така натаму. Едниот од нив, не можеше да има повеќе од четиринаесет години. Чирак. Кога почна да се оддалечува, од џебот на капутот му падна црна книга, а тој тоа и не го забележа. Можеби премина некои дваесетина чекори.
 
Неколку минути подоцна, мајката на Лизел тргна со свештеникот. Му се заблагодаруваше за извршениот обред.
Девојчето, меѓутоа, остана.
Колената ѝ нурнаа во земјата. Чукна нејзиниот час.
И натаму не верувајќи, почна да копа. Невозможно е да е мртов. Невозможно е да е мртов. Невозможно е...
По неколку секунди снегот ѝ се врежа во кожата.
Замрзнатата крв ѝ крцкаше во дланките.
Некаде во тој свет можеше да го види своето срце, скршено на два дела. Секоја половина се жареше и удираше под сета таа белина. Сфати дека мајка ѝ дошла по неа, дури откако ја почувствува нејзината ковчеста рака на рамото. Мајка ѝ ја одвлече. Грлото ѝ го исполни жежок крик.
ЕДНА СЛИКИЧКА, МОЖЕБИ ОД НЕКОИ
ДВАЕСЕТ МЕТРИ ОДДАЛЕЧЕНОСТ
Кога влечкањето престана, мајката
и девојчето стоеја и тешко дишеа.
Нешто црно и четириаголно
лежеше во снегот.
Само девојчето го забележа тоа.
Се наведна и го крена,
цврсто стегајќи го со прстите.
На книгата имаше сребрени букви.
 
Се држеа за раце.
Последното насолзено збогување е пратено и тие се завртеа и тргнаа, обѕрнувајќи се неколку пати.
А јас останав уште некое време.
Мавтав.
Никој не ми возврати.
 
Мајката и ќерката ги напуштија гробиштата и се упатија кон следниот воз за Минхен.
И двете беа слаби и бледи.
И на двете усните им беа разранети.
Лизел го забележа тоа на валканиот замаглен прозорец од возот, кога се качија малку пред пладнето. Според зборовите што ги прибележа самата крадачка на книги, патувањето продолжи како да не се случи ништо од сето тоа.
 
Кога возот пристигна во минхенскиот Bahnhof, патниците се растурија како од искинат пакет. Меѓу нив имаше секаков свет, но сиромаштијата најлесно се препознаваше. Бедните секогаш настојуваа да бидат во движење, небаре ќе им помогнат преселбите. Ја занемаруваа вистината дека на крајот од патувањето ќе ги чека нова верзија на старата неволја – роднина од чиј бакнеж се гадите.
Мислам дека мајка ѝ беше многу свесна за сето тоа. Таа своите деца не им ги предаваше на повисоките слоеви од минхенското општество, туку на старателскиот дом што го пронајде, каде што, ако ништо друго, новото семејство барем нешто подобро ќе ги храни девојчето и момчето, и ќе им овозможи да се школуваат.
Момче.
Лизел беше сигурна дека мајка ѝ споменот на него и понатаму го носи префрлен преку рамениците. Го испушти. Виде како стапалата, нозете и телото удираат од перонот.
Како таа жена можеше да оди?
Како можеше да се движи?
Тоа е нешто, што никогаш нема да го дознам, ниту да разберам – што сѐ луѓето можат да поднесат.
Го подигна и продолжи да оди, додека девојчето се држеше за неа.
 
Властите ги дочекале со сомничави прашања во врска со доцнењето и со момчето. Лизел остана во аголот од малата правлива канцеларија, додека нејзината мајка со вкочанети мисли седеше на многу тврд стол.
Настапи метеж од збогување.
Тоа беше збогување облеано со солзи, а главата од девојчето беше нурната во излитените волнени набори од мајкиниот капут. Повторно мораа да ја одвлечкаат.
 
По одминувањето на предградијата на Минхен, се наоѓа градот Молхинг, што ваквите како што сме вие и јас, можеби би го изговарале како Молкинг. Таму ја водеа, во улицата по име Химел.
ПРЕВОД
Химел = Небо
 
Кој и да ѝ го дал името на улицата Химел, сосем е сигурно дека имал развиена смисла за иронија. Не дека тоа било пекол на земјата. Не. Но, било далеку од небото.
Било како било, старателите ја чекале Лизел.
Семејството Хуберман.
Ги очекувале девојчето и момчето, и за грижата за нив требало да им биде исплатен мал надомест. Никој не сакал да биде токму тој, кој на Роза Хиберман ќе ѝ соопшти дека момчето не го преживеало патувањето. Всушност, нејзе никогаш никој и не сакал да ѝ соопшти што било. Што се однесува до карактерот, нејзиниот не бил најпријатен, иако имала голем успех со посвоените деца. Наводно, неколкумина веќе извела на прав пат.
За Лизел, постоело само возењето со автомобил.
Никогаш дотогаш не се возела со автомобил.
Желудникот ѝ се кревал и се спуштал, а таа залудно се надевала дека ќе заталкаат или ќе се премислат. Сред сето тоа, мислите постојано ѝ се враќале на мајка ѝ, таму на Bahnhof, како чека повторно да замине. Стуткана во оној бескорисен капут. Ги гризе ноктите, чекајќи го возот. Перонот долг и неудобен – парче студен бетон. Дали при враќањето ќе го бара со поглед местото каде што е погребан син ѝ? Или, сонот ќе биде предлабок?
Возилото одело понатаму, а Лизел стравувала од тоа последно смртоносно свртување.
 
Денот бил сив, како бојата на Европа.
Околу возилото биле навлечени завеси од дожд.
„Речиси стигнавме.“ Госпоѓата од социјалното, фрау Хајнрих, се завртела и се насмевнала. „Дајн нојес Хајм. Твојот нов дом.“
Лизел направила круг на замагленото стакло и погледнала надвор.
 
ФОТОГРАФИЈА НА УЛИЦАТА ХИМЕЛ
Зградите како да се залепени една со друга, главно мали
куќи и станбени згради со нервозен изглед.
Стушениот снег е распослан како килим.
Тука се бетонот, празните закачалки од дрва и сивиот воздух.
 
Во возилото беше уште еден човек. Тој остана со девојчето, кога фрау Хајнрих исчезна внатре. Лизел претпоставуваше дека е тука за да внимава да не побегне, или за да ја принуди да влезе, ако се противставува. Подоцна, меѓутоа, кога започна неволата, тој едноставно седеше и гледаше. Можеби беше само крајна мера, конечно решение.
По неколку минути, од куќата излезе еден многу висок човек. Ханс Хуберман, старателот на Лизел. Од едната негова страна беше просечно високата фрау Хајнрих. Од другата се наоѓаше кусата и дебела фигура на Роза Хуберман, која изгледаше како помал шифоњер преку кој е префрлен капут. Чудно се нишаше при одењето. Речиси симпатично, доколку не беше нејзиното лице, кое личеше на испревиткан картон и изгледаше луто, како сето тоа одвај да го трпи. Мажот ѝ одеше право, со цигара што му тлееше меѓу прстите. Самиот ги виткаше.
 
Фактот беше следниов:
Лизел не сакаше да излезе од колата.
 
„Вас ист лос мит диесем Кинд?“, се запраша Роза Хуберман. Повтори: „Што му е на детево?“ Го наби лицето во возилото и рече: „Нa, кoм. Кoм.“
Го повлекоа предното седиште. Ходник од студена светлина ја повикуваше надвор. Не сакаше ниту да се помрдне.
Надвор, низ кругот што го направи, Лизел ги гледаше прстите од високиот човек како и натаму ја држат цигарата. Пепелта се топеше од врвот и неколку пати се стресе и се подигна, пред да падне наземи. Поминаа петнаесет минути пред да успеат да ја измамат од возилото. Тоа му успеа на оној високиот.
Тивко.
 
Следното за што се фати, беше портата. Дружина од солзи ѝ се влечкаше низ лицето, додека се држеше и одбиваше да влезе. Почнаа да се собираат луѓе на улицата, сѐ додека Роза Хуберман не ги испцу, по што се завртеа и се вратија таму од каде што дојдоа.
 
ПРЕВОД
НА ОБЈАВАТА ОД РОЗА ХУБЕРМАН
„Што зјапате, газиња едни?“
 
На крајот, Лизел Мемингер претпазливо влезе. За едната рака ја држеше Ханс Хуберман. За другата нејзиниот мал куфер. Под спакуваната облека, во тој куфер се наоѓаше црната книшка која, колку што можеме да претпоставиме, четиринаесетогдишниот гробар во безимениот град веќе ја барал на неколкуте последни часови. „Ви се колнам“, го замислувам како му зборува на својот шеф, „немам поим што се случило со книгата. Насекаде ја барав. Насекаде!“ Сигурна сум дека никогаш не би се посомневал во девојчето, па сепак, таа беше тука – црната книшка со сребрени букви, под покривот од нејзината облека.
ПРИРАЧНИК ЗА ГРОБАРИ
Водич за успех во гробарскиот занает
во дванаесет чекори
Издание на Здружението на баварските гробари
 
Крадачката на книги ја изведе својата прва акција – почетокот на една славна кариера.