СИНИОТ ЧАС - ДОРА ПОПОВА - УЗУНОВСКИ

Oткако ќе ѝ се остварат сите соништа во животот, младата и славна писателка од Њујорк Лола Карпентер доживува емоционален крах по смртта на своите родители и на сопругот Ед. Тогаш сфаќа дека сите желби што ги остварила биле само проекции и очекувања на нејзините родители од неа. За да се пронајде одново себеси и да го воспостави контактот со својата автентична природа, решава да замине на подолг престој на еден од грчките острови во Јонското Море, со цел да почувствува вистински мир. При тоа, не сака никој да ја препознае. Но само што пристигнува на островот, нејзиниот план тргнува во сосема неочекувана насока откако на една од вечерните забави во хотелот каде што престојува го запознава шармантниот сурфер Џек, кој важи за страстен додворувач и навидум живее лесен и едноставен живот на плажата без никакви грижи. Не можејќи да си одолеат еден на друг, Лола и Џек се впуштаат во авантура за која на крај на ум не им иде каде ќе ги одведе.




Нивната луда страст наскоро ќе почне да преминува во љубов за која и двајцата не се вистински подготвени. Тој го разбудува во неа сето она што никој претходно не успеал да го разбуди, а таа му го урива концептот за тоа што е вистинска љубов. Меѓутоа, Џек носи товар од минатото и крие длабока, мрачна тајна која не сака Лола да ја дознае, а таа има незавршена работа со својата стара љубов. Откривањето на тие тајни ја чини цената на нивната љубов и ќе ги стави пред предизвик за чие надминување е потребно вистинско жртвување. Но, кој ќе ја направи жртвата? Од тој миг нивните животи ќе се претворат во вртоглави метежи сѐ до нивната следна, неочекувана средба.