​Интервју со Јона Греј, авторка на „Писма до загубената љубов“

Светскиот книжевен феномен конечно во книжарниците низ Македонија.
Книга преполна со емоции, топлина и многу чувства. 
За миг го освојува вашето срце!




 


Книгата Писма до загубената љубов претставува голема приказна што го остава читателот без здив. Што настана прво: ликовите или приказната?

Всушност, насловот! Извесно време работев на еден сосем поинаков роман, чие дејство е сместено во првата деценија на дваесеттиот век и еден ден, по ручекот, на патот накај својата работна соба на таванот минував покрај собата на ќерка ми и видов едно писмо на нејзината маса. Веднаш ме заинтересира од кого би можело да биде, но продолжив по својот пат и, кога седнав на компјутерот, во мислите ми доплови фразата: Писма на загубената љубов.
Уште ја чувам хартијата на која почнав да пишувам белешки тоа попладне. На врвот пишува: Кој ги пратил? Во прашливата фиока, некаде во заднината на мојот ум, клечеше идеја за обична куќа, одамна напуштена, и знаев дека таму ќе стигнуваат писма. Мислам дека целиот хаос и превирањата во воениот Лондон овозможија куќата да може да му припаѓа на некого што тогаш планирал таму иднина што од некоја причина не се остварила. Тоа беше семето од кое никнаа приказните од минатото и од сегашноста.
 
Што ви е толку привлечно во писмата?

Во писмата постои нешто што во моментот ќе ве заинтригира, а тоа го докажа и она на масата на ќерка ми! Особено во дваесет и првиот век, кога комуницираме претежно по пат на текстуални пораки и електронски мејлови, рачно напишаното писмо има непроценливо значење: посебно е, упатува на тоа дека зборовите и емоциите се премногу важни за да ѝ бидат доверени на технологијата. За пораките се потребни секунди, за мејловите минути, додека писмата бараат време и планирање; купување на хартија, плик и поштенска марка, потоа бавен ритуал на пишување на адресата и датумот на врвот на страницата. Писмата ја носат индивидуалноста на праќачот во секој потег со мастилото и може да бидат превиткани и ставени на некое тајно место и да бидат најдени цел еден животен век подоцна.
 
Дејството се одвива во 1943 година и седумдесет години подоцна. Што ве привлече да пишувате за тие периоди?

Безнадежно ме привлекува Втората светска војна како окружување. Мислам дека тоа е затоа што пораснав со приказни за војната. Родена сум во 1970-тите години, ѝ припаѓам на генерација чии родители, баби и дедовци ја изживеале војната и ги всадиле своите искуства и спомени во детската фантазија. Се сеќавам дека се борев да дојдам на ред во училишната библиотека да зајмам детски книги со воена тематика, како и на големата возбуда кога беше снимена телевизиска серија според книгата Војната на Кери од Нина Боудин, што тогаш ми беше омилена. Со текот на годините продолжив да читам книги чие дејство е сместено во тој период, па беше разбирливо и нагонски да ја сместам својата приказна во рамките на Втората светска војна.
Дејството во 2011 година претставуваше своевидна рамнотежа: знаев дека ми треба доволно современо окружување за да го овозможам користењето на технологијата (целото пребарување на историски податоци преку Интернет, како и електронската пошта и Скајп), но бев свесна за доцните години на Дан и Стела!
 
Да можете да отпатувате низ времето и да се вратите во Лондон во текот на Блицот, што би сакале најмногу да видите? Дали мислите дека би го познале градот од вашите истражувања, со оглед на тоа колку е изменет?

Извонредно прашање! Мислам дека најмногу од сѐ би сакала да ги доживеам атмосферата и расположението што владеело тогаш меѓу луѓето. Денес често го користиме терминот „Духот на Блицот“ за да го зачуваме позитивниот став ако се расипе возот со кој патуваме, или во текот на целосниот колапс во времето на една од ретките снежни вејавици, ама мислам дека некој што не го доживеал тоа не може да го разбере вистинското значење: упорноста, потценетата храброст што е потребна за да можеш едноставно да се справиш со неволите, скудноста, одвоениот живот и стравот. Бев маѓепсана и трогната од сите фотографии на кои наидов во текот на истражувањето – од луѓето кои, и покрај сѐ, ги извршувале своите секојдневни работи, смешкајќи се додека лежеле заедно со децата натискани на пероните во подземната железница во текот на ноќта, пиејќи чај меѓу чадот и урнатините. Секогаш ме совладува чувството на понизност кога ќе помислам дека таквите услови не траеле неколку дена или неколку недели туку до недоглед, цело време.
Денес во Велика Британија заканата од непријателски напади е релативно ниска, но сепак живееме во окружување на тегоба и паника. Ме фасцинира начинот на кој државата, а особено градовите страдале во текот на Блицот, како функционирале нормално во текот на тие долги шест години, меѓу 1939 и 1945 година. За нас слоганот „Остани мирен и продолжи понатаму“ претставува нешто што го гледаме на чаши и на кујнски крпи, но за милиони обични луѓе тоа било основа за преживување, кога не знаеле кога – ниту како – ќе заврши војната.
 
Во Втората светска војна на жените првпат им била дадена можност за вработување на многубројни работни места, па сепак Стела останува претежно дома. Дали тоа беше намерна одлука?

Прочитав безброј романи – и уживав во нив – чие дејство е сместено во тој период, во кои жените ги презеле новите улоги што им ги овозможила војната: управување на авиони, работа во владини бироа или борба на окупираната територија. Храброста што ја покажале пионерките (кои бездруго се соочувале со определен степен на предрасуди кај машките колеги, заедно со сѐ друго со што морале да се справуваат) восхитува и инспирира. Сепак, сакав мојата главна хероина по ништо да не биде хероина. Стела е срамежлива и плашлива и болно скромна. Ја полудува Ненси, а понекогаш и мене. Црвениот кармин претставува нејзин најголем потфат пред да го запознае Дан.
Сакав да пишувам за таква жена затоа што мислам дека сигурно имало безброј слични, а историјата (разбирливо) не ги запишала нивните искуства колку оние на пилотките, на припадничките на женските сили на британската војска или на тајните агентки. Мислам дека ми влијаеја раскажувањата на баба ми и на мојата кума со кои растев, за предизвиците на доењето во текот на воздушен напад, или за тоа како да дојдеш до нов фустан за на игранка. Стела на почетокот се плаши од сѐ, сака да се закопа дома и речиси се преправа дека војната ниту постои. Но кога тоа ќе стане невозможно, мора да посегне по внатрешните резерви на храброст за да се соочи со ситуациите во кои се наоѓа. Таа тивка, обична храброст е тоа што ме интересира.


 
Која приказна беше полесно да ја пишувате – онаа од минатото или онаа од сегашноста?

Прво ја напишав приказната што се случува во минатото, па во таа смисла таа ми беше полесна. Тоа беше јадрото на книгата, а нејзиниот дух – духот на 40-тите години – е тоа што сакав да го повикам. Сега ми се чини дека тој дел ми беше многу лесен за пишување, меѓутоа, кога ги погледнав неодамна првите скици и сите пречкртани сцени, мислам дека сепак малку сум се залажувала. Првата сцена што ја напишав беше свадбата на Стела и Чарлс, што на почетокот се набљудува низ очите на Ада. Нејзиниот глас ми дојде со апсолутна јасност и ме водеше низ тој период. Таа е можеби само еден од споредните ликови, но за мене беше клучна.
Приказната од сегашноста е потешка затоа што требаше да ја вклопам во онаа од минатото, па секогаш морав да внимавам на структурата. На почетокот, со приказната на Стела и Дан, што е сѐ уште многу жива во мојот ум, Џес и Вил ми беа прилично секундарни ликови чија цел беше само да откријат што се случило пред седумдесет години, но со текот на времето се роди и нивната приказна.
 
Да можете да му напишете писмо на некого од минатото, кој би бил тоа?

Баба ми од страната на мајка ми. Мајка ми имала само десет години кога баба ми починала, па никогаш не ја запознав, но секогаш го чувствував нејзиното присуство во својот живот, а мислам дека причината за тоа е тоа што нејзиното отсуство многу влијаело врз животот на мајка ми. Баба ми била извонредна жена: лекарка која уште во 1933 година добила диплома по медицина на универзитетот во Глазгов и била одликувана со златен медал за својата дисертација. Целата кариера ја поминала работејќи во јавното здравство. Би сакала да ѝ пишам и да ја прашам за предизвиците со кои несомнено се соочувала како студентка по медицина во 1920-тите и 1930-тите години (Колку други жени имало на студиската година? Каков бил ставот на машките колеги?). Би сакала, се разбира, да знам сѐ за нејзините искуства како лекарка во текот на војната, исто како и за искуството на мајчинството. Мајка ми е родена кон крајот на 1940-тите години, а баба ми речиси веднаш по породувањето се вратила на работа, делумно поради тоа што недостигале лекари што би се грижеле за цивилната популација, но и затоа што си ја сакала работата и (за разлика од Стела) не сакала да биде врзана само за домот, што во тоа време било релативно невообичаено. Мислам дека била многу интересна личност. Колку прекрасно би било да можам некако да добијам писмо од неа.
 
На Пинтрест имаше многубројни прекрасни фотографии, вклучувајќи ги и оние на филмски ѕвезди, што ви претставуваше инспирација во текот на пишувањето на романот. Кого би сакале да го видите во главните улоги кога според книгата би бил снимен филм?

Мислам дека би го полудела секој кастинг менаџер, затоа што сум склона да црпам инспирација од артисти од различни периоди. Така мојот Дан би го глумел Ричард Гир каков што беше во филмот Јенки (1979), а Вил би го глумел Хју Грант каков што беше во Четири венчавања и погреб (1994). Џин Тирни, холивудска артистка од 1940-тите години, би била Стела (кога би можела да го усоврши англискиот акцент), но сѐ уште не сум се сетила на никој што би изгледал и звучел како Џес. (Ако некој има некаков предлог, слободно нека го додаде на мојот Пинтрест.)
 
Кои романи ве инспирираа додека пишувавте?

Сосем случајно, еден ден пред да почнам да пишувам, поштарот ми донесе потпишан примерок од книгата Живот по животот од Кејт Аткинсон што ми го прати мојата мила пријателка Аби Грин. Мислам дека не постои автор што не би бил инспириран од тоа четиво. Кај неа сѐ изгледа толку лесно и природно; токму нејзиниот глас ми даваше поттик и ми влеваше самодоверба кога тукушто почнав да пишувам. Исто така, обожавателка сум и на книгата Дневник на една провинциска дама, како и на сите продолженија, на авторката Е. М. Делафилд. Го обожавам начинот на кој ги испреплетува мрачните сериозни ситуации со ситните семејни детали. Неизбежно ме инспирираа и првите книги што ги прочитав како тинејџерка: извонредните приказни на авторки како Розамунд Пилчер, Џили Купер, Мејв Бинчи. Тоа се книги во кои ќе се вљубите и со денови нема да ги пуштате од рацете, а на крајот ќе сфатите дека реалноста е само бледа имитација на светот што сте го откриле меѓу кориците. Од тие книги научив некои работи, а меѓу нив беше и она со што ќе се занимавам кога ќе бидам постара.

*Јона Греј дипломирала англиски јазик и книжевност на универзитетот во Манчестер. Страсно е вљубена во историјата и фасцинирана од улогата на жените во дваесеттиот век. Плод на нејзината маѓепсаност и на нејзиното минуциозно истражување на настаните и атмосферата во Лондон во времето на Втората светска војна, е брилијантниот роман што веднаш е препознаен како дело на исклучителен талент и писателска дарба. Живее во Чешир со сопругот и трите ќерки, каде што веќе го создава својот втор роман.




*Книгата може да се најде во сите продажни места на Клуб Матица.