„Танцувањето и радоста во животот“ - Марина Анчевска

                                                 Танцувањето и радоста во животот


Целото тело ми трепери од возбуда. Чувствувам како се издигнувам над подот и ја губам свеста. Но, не дека ќе се онесвестам, туку дека ќе го оставам телото и ќе заминам.
Ги слушам африканските тапани како го забрзуваат ритамот. Околу мене танцуваат повеќе од педесетина луѓе. Заедно, а сепак секој за себе ја доживува вибрацијата од тапаните и целосно му се предава на ритамот. Секој на свој начин ја чувствува и ја трансформира еуфоријата, предизвикана од брзиот ритам на музиката.
Прекрасни се танцовите медитации од Ошо. Веќе неколку денови престојувам во ашрамот на Ошо во Пуна, Индија. После мојот престој во Гоа, по препорака на разно разни луѓе од сите страни на светот, кои што ги запознав на моето патување во Индија, дојдов овде во Пуна.
Многу се пронаоѓам во филозофијата на Ошо, кој што вели дека,животот е безвреден доколку човек не танцува, не се смее, не сака и не знае да се радува. Сите предизвици во животот полесно ќе се надминат доколку човекот е спремен и може свесно да ја согледа секоја животна ситуација. Спремноста на умот, т.е. подигнувањето на свеста, се постигнува преку медитација, танц и љубов.
Уживам во секоја медитација на Ошо, а посебно во танцовата.


Медитацијата ја водат 10 музиканти кои што умешно удираат по африканските џембе тапани и го следат ритамот на нашите срца. Во еден момент ритамот се забрзува и свеста се издигнува над егото. Ја надминуваме хоризонталната временска линија на минато, сегашност и иднина и се издигнуваме вертикално*. Се поврзуваме со земјината и космичката енергија. Тука нема време, нема јас и ти, нема его. Тука владеат законите на природата и универзалната божествената енергија. Тука нема дуалност, туку владее хармонија.
Јас лебдам и целото тело ми трепери. Се чувствувам прекрасно, исполнето и возвишено. Сепак стравот од непознатото не ми дозволува целосно да му се предадам на ритамот.
Што ако навистина го напуштам телото и никогаш повеќе нема да се вратам?
Што ако ја изгубам свеста и заминам?
Не сум спремна целосно да и се предадам на музиката и полека се спуштам надолу. Моите боси стапала повторно го допираат подот. Тие и всушност постојано беа на подот, но мојата свест високо издигната над телото не е поврзана со материјата и нема сознание дека стапалата го допираат подот. 
Ритамот на тапаните сеуште е многу брз. Градите ми треперат во истиот ритам. Срцето забрзано ми чука и јас сум целосно ослободена од се. Само радоста и љубовта го исполнуваат моето тело, мојот ум, срцето и мојата душа. Радоста дека постојам, дека живеам. Благодарна сум за се и танцувам со огромна животна енергија.

Полека се смирува ритамот и сите легнуваме на подот. Музиката станува се посмирена и ми ги исполнува градите со љубов. Чувствувам како ме допира нежна вибрација и се шири низ целото тело. Низ образите ми протекуваат солзи. Пресреќна сум и вистински благодарна за се. Ги оставам солзите да течат. Љубовта од моето срце се шири низ просторот. Ја чувствувам насекаде во мене, околу мене. Таа е во постојано движење. Од мене зависи дали ќе и се препуштам и ќе ја оставам да поминува низ мене. И се предавам...
 
Танцот е дел од мојот живот. Животната енергија секогаш ја поврзувам со танцувањето. Моите најзначајни моменти се поврзани со танцување. Танцувам кога сум среќна, танцувам во медитативно за да го ослободам умот и мојата свест да ја воздигнам на повисоко ниво. Танцувам кога сум тажна, за да ја трансформирам тагата. Танцувам за да се поврзам со другите луѓе кои што ја разбираат моќта на танцот и слободно и се предаваат на музиката. Танцувам за да ја ослободам креативната енергија, да добијам инспирација, да се справам со предизвиците и да се ослободам од непотребните мисли.

Каде и да патувам јас танцувам. Во Холандија танцував со часови на техно музика. Многу луѓе оваа музика ја поистоветуваат со конзумирање на дрога. Меѓутоа таа им е потребна на оние кои што не можат да и се предадат на музиката и да го ослободат своето тело. Преку надворешниот стимуланс се опуштаат и го ослободуваат умот од разни предрасуди, убедувања и верувања.
Посетував разно разни часови за танцување, меѓу кои за Салса, Фламенго, Арапски и Африкански сабар и џембе танцови.
Често излегувам и каде и да одам, за мене, танцувањето е најголемиот дел од забавата.
Танцувам со часови и го оставам телото самото да ја следи музиката. Тоа наместо да се уморува, се полни со се повеќе и повеќе енергија.

         

Во Индија танцував во Гоа на прекрасните и најпознатите Гоа транс забави и секако во ашрамот на Ошо.
Во Сенегал целосно им се предавав на африканските тапани. Бев водена од некоја над природна енергија која што ме заматуваше и без никаква контрола над телото, јас и се препуштав на музиката. За Сенегалците беше чудно како една бела европска жена, може со таква страст и енергија, да го чувствува африканскиот ритам.
Во Мексико и во Куба уживав во ритамот на салсата. За мене тоа е еден од највеселите и најсоцијални танцови.
Додека во техно музиката целосно си свртен кон себе, африканската музика те возвишува, а салсата те прави радосен и те спојува со луѓето. Преку салсата ја делиме радоста едни со други и се поврзуваме интуитивно и невербално.
Арапските танци се женствени. Преку стомачните арапски танци се споив со моќта на женската енергија која што ме направи женствена, креативна и целосно исполнета. Преку овој танц искрено се видов себе си и се прифатив целосно.
Преку динамичното, емотивно и енергично Фламенго ги почувствував страста и емоциите. Добив голема самодоверба и со секое енергично танцување со нозете знам дека можам повеќе и подобро.

Сеуште сум во потрага по нспириративна музика од различни краеви на светот. Ја сакам музиката на Индијанците, Абориџиналците од Австралија, Ромите, Ајзербеџанците и секако Балканската музика...



*Книгата на Марина Анчевска: „Едноставно јас“,  може да се најде во сите продажни места на Клуб Матица.

 

Поврзани блог статии