Дел од „Бездомникот со златен часовник“ - Вера Калин

На моменти, чувствувам дека немам повеќе што да раскажам. Дека што и да кажам, тоа ќе биде повторување на нешто за кое веќе сум зборувал: овде, пред Татко, пред сопствениот одраз. Животот мој, гледан вака отстрана, не е ништо освен албум со фотографии кој човек одново и одново го прелистува. Слика од моето второ раѓање: костум, вратоврска, и збунет одраз во огледалото. Слика од возбуда. Од благодарност. Од Бог, кој изгледа дека сепак постои. Слика од погрешни чекори. Од бесполезни себеоправдувања. Од спуштена глава. Од одбегнат поглед. Од стегнато срце што одвај бие. Слика покрај прозорецот. Навлечени завеси. Мрак врз ѕидови. Слика од свртен клуч во клучалка. Од тивок тропот. Од посилен тропот. Од Костадин Јас Сум Отвори шепот. Слика од згужвана постела. Од испуштена воздишка. Од прегратка. Од шминка на перница. Од убав парфем што душа згадува. Излитена, пожолтена слика од мене, легнат помешечки в кревет, покриен со чаршаф од темни соништа.



Превиткана слика од зелен кауч во туѓа, бездушна канцеларија. Полна чаша. Празно шише. Црн камен на буниште. Прекршено ветување кон себеси. Станав Како Тебе врисок. Слика од солза. Една мала, горчлива солза. Сеќавање. Само Пичките Цмиздрат. Избришана солза. Слика од подочници, модри како бескрвни усни. Од очи во боја на небесен отсјај од сонце што умира. Уште една голтка. Последна. По којзнае кој пат - последна. Ќе Биде Добро. Слика од лага, во која сакам да верувам. Но, колку и да се трудам, не успевам. *


                *Книгите на Вера Калин може да се најдат во сите продажни места на Клуб Матица.
 

Поврзани блог статии