Автостоперски емигрант V - Евгениј Хоуп

10754795_618884931555977_775064948_n10754795_618884931555977_775064948_n
Клапнато стоев пред градската опера, соѕидана во 1875 година. Внатре во објектот, покрај оваа културна установа, сместени се и три државни театри на Романија, Унгарија и Германија. Го здогледав CouchSurfing познаникот како со качулка врз влажната коса одеше кон мене. Откако и двајцата се претставивме, ми дофрли дека го потсетувам на серискиот убиец, наречен Човекот со секира од Њу Орлеанс, кој во период од мај 1918 до октомври 1919 година ги убивал сите оние кои во вторник навечер не слушале џез во своите домови. Ми откри дека е верен фан на American Horror Story. Инаку, ликот со секирата е прикажан во третата сезона од серијалот. Морав да ги изгледам сите. Не очекував дека незаситно ќе ги конзумирам секој можен час. Се разбира, додека траеа залихите. Акцентот го ставам на втората сезона. Кога се вратив во Македонија, успеав да изгледам 13 епизоди од по четириесетина минути за помалку од 24 часа. Или 11 епизоди во еден здив. Без пауза. Но, никако не можев себеси да се поврзам со неговата констатација за сличноста со серискиот убиец.

Живееше на стотици метри од плоштадот Викторија. Во меѓувреме ме извести дека неговиот цимер, со потекло од некој мал град во Франција е исплашен поради доаѓањето на непознато лице во нивното живеалиште. Затоа го излажал неговиот пријател, студент на факултет за физичко образование, спорт и здравје дека ние уште пред година дена се имаме лично запознаено во Брисел, Белгија. Мене ми беше сеедно.

10850403_618884911555979_590404390_nБев сместен во старомоден стан, со два пати постар ентериер од мене. Имаше две спални соби, кујна, тоалет и простран балкон. Ми беше забавно да го вдишам застоениот воздух, миризбата која се ширеше од огромниот орман, кој зафаќаше поголем дел од собата. Слична таква гнила дрвена конструкција имав видено во една селска куќа во Јачинце, Македонија. Познаникот од CouchSurfing спиеше на дебел душек, послан на подот. Јас имав на располагање кауч на расклопување, со низок потпирач за грбот. Едвај успеав да го наместам во хоризонтална положба. Додека лежев на него на своето тело го чувствував секој рѓосан федер како полека навлекува во моето месо. Но, воопшто не се жалам. Ова е благодат, за разлика од претходните искуства поврзани со преноќување кои го имам проживеано. Иако Ноќта на вештерките беше претходната вечер (31 октомври), во Темишвар се празнуваше неколку дена. Одејќи накај студентскиот дел од градот, забележав толку многу диви гулаби што за миг помислив дека сум дел од филмот Птици во режија на британскиот режисер Алфред Хичкок. За среќа овие птици не беа заинтересирани да се нагостат од мене. Поминувајќи низ комплекс од студентски домови, влеговме во ноќен бар, каде портокалово-злокобни тикви беа насекаде низ просторијата, заедно со смешни скелети и вештачка пајажина, поставена во секој агол. На трите плазма телевизори се прикажуваше видео компилација од најстрашни сцени некогаш снимени. Имав чувство дека се наоѓам во Македонија или која и да е држава од Балканот. Одејќи низ студентскиот кварт, од становите ечеше Цеца и Аца Лукас, додека во секое можно кафуле, покрај тоа што се пушеше, главен хит им беше I Feel Good од Џејмс Браун. Слушајќи ја песната, секогаш ме потсетува на познатата сцена од Астерикс и Обеликс: Мисија Клеопатра. Во ситните утрински часови, изгладнети и опијанети, по зборовите на познаникот од CouchSurfing, се упативме да јадеме шарма. Појма немав што би можело да биде тоа. Прво што ми падна на памет беше сарма, така што со такво убедување влеговме во првиот турски ресторан. На крај сфатив дека фамозната шарма, е турско гиро. Во секој случај беше деликатесен оброк на празен стомак полн со водка. Штом стигнавме во станот, веднаш заспавме. Ми се лошеше. Бев жеден и ми се мочаше. Станав од нестабилниот кауч, упатувајќи се во тоалетот. Некој имаше внатре. Босите нозе ми премрзнеа на ладните плочки, додека чекав момчето од Франција да излезе. Ме фати некоја дремка. Стоејќи, сум заспал. Ме разбуди застрашувачки вресок на цимерот. Ненамерно го преплашив. Кога ги отворил вратите, се удрил во мене. Му имам скратено 34 минути од неговиот живот. Да имав некое ладно оружје со мене, можеби навистина ќе потсетував на Човекот со секира од Њу Орлеанс. Ми фалеше само саксофон.

1475917_607617632682707_284838928762199432_nУтрово станав во 13 часот. Дента ми помина мрзоволно разгледувајќи го Темишвар. Пред да заминеме на Фестивалот на францускиот филм, кој се прикажуваше во еден од амфитеатрите на техничкиот факулте. Откако од казанчето пуштив вода во клозетската шолја ми падна тоалет хартија. Немав друг избор, освен најбрзо што можев да ја пикнам раката во вдлабнатината исполнета со вода, ако не сакав да ги затнам канализациските цевки во старата зграда. Ненамерно неколку пати до сега го имам сторено тоа. Во тој момент се чувствував како спасител. Како штотуку да извлеков кутре кое се дави во некој жабурнак. Мислам дека си ја одрав кожата, од триењето со сапунот со цел да ги отстранам сите можни бактерии.

Вечерта се прикажуваше Le petit Nicolas.

„Знаеш француски јазик?“, ме праша познаникот од CouchSurfing.

„Не, за жал. Иако имам учено четири години во основно училиште“.

„Добро. А можеби романски?“

„Тоа уште помалу“.

„Тогаш, со среќа“.

Имав можност само визуелно да го следам филмот. Не беше комплексен. Успеав да ги поврзам деловите за да имам целосна слика за приказната. После тоа заминавме на некое пиво во еден џез бар. А на враќање во станот, поминавме до казино, колку да ни помине времето. И секако, ако можевме да добиеме некое евро повеќе. Наредното утро станот беше оставен на мене. Цимерот беше заминат на неколкудневен пат преку факултет во Букурешт. Познаникот од CouchSurfing на работа. Секогаш кога и да патувам, се наоѓам во ситуации кога поголем дел од времето морав да го поминам сам. На почетокот ми беше тешко и необично. Едноставно нема со кого да разменам ниту еден збор. Сепак, искуството си го прави своето. Откако појадував, со книгата Златниот павилјон од Јукио Мишима, нотес и слушалки во уши излегов да шетам низ градот. Утринското кафе го испив во едно кафуле на плоштадот Викторија. Ги нахранив стотиците гулаби кои откако ме опколија, се колвеа меѓу себе.

10859778_618884914889312_1254604879_n 10850403_618884934889310_23918817_n

Стоев пред една од најголемите катедрали во Романија, истата која е поврзана со Револуција против комунизмот и крвопролевањето во 1989 година. Внатре имаше многу верници. Секоја минута влегуваа нови. Палеа свеќи, се молеа. Галеријата беше исполнета со стари ракописи и свети слики. Откако поминав половина час во медитативна состојба, се упатив накај Ботаничката градина. Во жешките летни денови, местото е совршено за денгубење и релаксирање. Освен тоа претставува место со 93 метри надморска височина во Темишвар. Задлабочен во читањето, сфатив дека половина од денот веќе беше поминат. Ги разгледав сите позначајни места, поминав до пазарот, каде можеше да се најде домашен и свеж зеленчук, кашкавал и месо. Ги купив најважните продукти и на пат до станот пешачев покрај градскиот затвор, сместен во самиот центар на градот. Објектот е безбеден. Никој граѓанин не се плашеше. Бидејќи немав што повеќе да правам во градот, решив наредниот ден да се вратам во Белград. Не бев расположен за автостоп патување. Затоа тргнав до железничка станица, купив билет кој чинеше помалку од 5 евра и се вратив во станот на познаникот од CouchSurfing.

Вечерта излеговме на некое пиво, заедно со колегите од работа на мојот домаќин. Седенката се развлече до пет наутро. А во седум ми беше возот.

„Ова е моето шесто пиво“, гордо, со крената кригла рече еден од присутните кој имаше вишок килограми, коса на боцки, размачкана со гел. „Но ќе ги испијам и двете преостанати пива на екс, ако ми го покажеш магичниот трик со карти“.

Немајќи друг избор, мојот познаник од CouchSurfing му го исполни барањето. Тој, сиот радосен, почна да ми раскажува како еден семестар студирал информатика. Тогаш сфатил дека го знаел целиот материјал што професорите го предавале и се отпишал. Не сакал да губи време со учење на работи кои веќе ги знае наизуст. Веднаш потоа се вработил во истата фирма, како мојот домаќин и во моментот разработува план како да го дограби првиот милион. Малку подоцна, го напуштивме кафулето, истата личност со вишок килограми, коса на боцки, размачкана со гел, ја тресна во уличен столб десната врата од таксито, откако пијан проба да влезе во него. Возачот, без да забележи нѐ префрли до саканата дестинација. Кога влегов во станот, ги напикав сите алишта во ранецот. Поспав едвај еден час и додека градот се будеше, јас, сам со воз се упатив кон Белград.

Ова кратко патување ми беше потребно многу повеќе од што и да е во тие денови. Сега, откако ги оставив доживувањата во Темишвар зад себе, се подготвувам за исполнување на нова животна мисија, која ќе ми ја дополни смислата на моето постоење и сите заедно да испишеме нов манускрипт, кој ќе се пренесува од генерација на генерација.

*Книгата „Парада на марионетките" - може да ја најдете во сите продажни места на Матица.

 

 

Поврзани блог статии