Автостоперски емигрант III

Отседнав неколку дена во градот каде јасно се чувствуваше  пулсот на метрополата со над два милиони жители, посетувајќи го уште еднаш Саемот на книгата. Освен тоа во Белград поминав часови и часови скитајќи низ прашливите антикварници и ланец книжарниците на Делфи и Вулкан. Се дружев со колегите, студенти на општа книжевност на Филолошкиот факултет во Белград, водејќи жестоки дискусии во студентското кафуле Коларац. Имав преноќевалиште кај својот пријател во белградската населба Карабурма, која се наоѓа на десниот брег од Дунав. Утрата беа пропратени со класична музика, кафе и големо внимание при користење на тоалетот. Шрафовите кои ја држеа ВЦ школката беа скршени, ако не внимавав можев да направам голем неред. Не беше само тоа, казанчето на погрешна страна ја спроведуваше водата. Прво морав да наполнам леѓен со вода, па смесата да ја пресипам во школата за да исчезне урината и изметот со разновидна боја. Како и да е имав релаксирачки денови. Откако се прибиравме во станот, после истоштувачките патувања со градските автобуси без билети и разминување со контролорите, ќе направевме пуканки и до раните утрински часови ќе расправаме за книжевни проблематики.

***

Верував дека за три часа ќе стасам од Белград, Србија до Темишвар, Романија на 1 ноември со својот верен ранец и вреќа за спиење заминав од станот на пријателот. Требаше да тргнам уште во 10 часот изутрина, а јас неколку минути после тоа се разбудив. Појадувајќи паштета купена во Македонија, павлака и леб се качив во градскиот автобус со број 16 од Карабурма. Слегов на станицата Панчевачки мост, се префрлив на линијата 96, возејќи се една станица и се најдов на другата страна од мостот. Изгубив половина час додека да го најдам вистинскиот правец и местото за стопирање. Морав пеш да се вратам во истата насока од која што дојдов, поминувајќи под огромната метална структура на мостот, каде секоја минута поминуваа камиони со приколки песок.

10822407_612361782208292_614587793_n

Недалеку од време на време забележував чопор кучиња, кои не беа некоја опасност. Индустриската зона предизвикуваше недефинирани чувства во мене. Покрај тоа што небото беше сиво, ниската температура за момент ме обесхрабруваше. Успеав да стасам до бензинска пумпа. Како и по обичај, претрчував преку автопати, каде изнервираните возачи нагло мораа да ја смалуваат брзината и како луди свиреа по оној кој им го попречуваше патот, во дадениот случај тоа бев јас. Често помислувам дека по автопати низ светот ќе забележам дречливо црвено-бели сообраќајни знаци, каде наместо деца на патотживотни на патотпешаци на патот ќе стои Милош на патот (никогаш не знаеш кога ќе ти го пресече патот). Додека постар човек, полнеше бензин, го прашав дали оди во правец на Панчево, и ако може да ме префрли. Иако немаше обичај да качува непознати лица, сепак ми излезе во пресрет и ме префрли 20 километри. Во меѓувреме ми зборуваше за лошата економска ситуација во Србија. Премногу трошоци, а ниски примања. Ќерка му пред неколку години магистрирала фармација, прво работела во Нови Сад за 26 000 динари. Компанијата се распаднала. Сопственикот бил сместен во затвор. Сега веќе со години живее во Канада и месечно заработува над 20 000 долари.

„Момче во Србија речиси сите поголеми компании се водени од мафија. Едни доаѓаат, други заминуваат. По медиумите велат дека просечна плата во нашата држава изнесува 450 евра. Лажат. Овие податоци се изведени врз основа на вработените во администрација“, зборуваше занесено, со набрекнати жили околу вратот. Ме остави на самиот влез во Панчево и морав да изгубам повеќе од еден час за да најдам соодветно место за стопирање. Бев изненаден, затоа што на секои педесет метри имаше полиција. Наредниот ден дознав дека претседателот Ѓорѓе Иванов дента бил во официјална посета на Панчево, каде се сретнал со претставниците на Националниот совет на македонската заедница во Република Србија. Од медиумите разбрав дека на средбата биле разменети мислења за предизвиците и можностите за македонската заедница во доменот на зачувување и промовирање на македонскиот јазик, култура и традиција, и учество во општествениот и политичкиот живот во Србија.

Застана човек со син пикап, постар од мене. Ме префрли до Алибунар, нешто повеќе од 30 километри. Ми кажа дека на овој пат е снимен филмот Мртов ладен, потенцирајќи ја единствената бензинската пумпа од истоимениот филм, штом ја поминавме. Што повеќе се доближував до Романија, така и архитектурата на објектите се менуваше. Се најдов опкружен само со полиња. По патот поминуваа трактори, камиони и по некој автомобил. Никогаш претходно се немам најдено во слична ситуација. Речиси за два часа ноќта ќе ме заробеше во својата темница на место каде немаше никакво осветлување. Мислев дека за три часа ќе стигнам во Темишвар, а веќе пола ден ми беше изгубен. Пешачев, барајќи знак на живот во околината. Бев сам. Разгледував наоколу каде би можел да најдам засолниште. Последната опција ми беше да се пикнам во вреќа за спиење, скриен зад неколку дрвја и претворен во камен до го чекам новиот ден. Можеби требаше да побарам железничка станица, па ако немам друг избор или да се вратам до Белград или со воз да продолжам до Темишвар. Додека монологот ја доживуваше својата кулминација, конечно застана еден камион. Ме префрли неколку километри до Банатски Карловац. Успокувајќи се, налетав на друг камион и се најдов во Вајловци, 8 километри од Вршац.

10818880_612361795541624_75337036_n

Возачот на излегување ми даде кружно картонче, поточно тахометар, инструмент со кој се мери брзината. Ме посоветува кога ќе видам камион да го кренам во воздух и шансите се поголеми некој од нив да застане. Знак за препознавање. Ја забележував новата реакцијата на возачите кои поминуваа покрај мене. Првиот камион беше преполн, исто така и вториот, но следниот кога ме виде, застана. Не бев јаден целиот ден и токму во мигот кога дневната светлина исчезнуваше се најдов во Вршац. На почетокот од 2014 година се разгледуваше прашањето оваа населба да добие статус на град. Имав слободно време додека да тргне возот. Влегов во супер-маркет да купам нешто за јадење, некои диетални лепчиња, кои ја зголемуваат ситоста, сникерс и вода. После тоа малаксан влегов во пустата железничка станица, чекајќи го возот за Темишвар. Понекогаш животот игра валкани игри. Патот Куманово-Белград, кој има 400 километри го поминав за 6 часа, а за патот Белград-Темишвар, кој е само 170 километри ми беше потребно многу повеќе часовно време.

(продолжува со „Автостоперски емигрант IV“)

 

Поврзани блог статии