Автостоперски емигрант I - Eвгениј Хоуп

Отсвирените композиции на холандскиот виолинист Андре Риу со својот оркестар ме разбудија од илузорниот сон на 28 октомври. Едвај имав спиено два-три часа. Дента решив автостоп да заминам од Куманово до Белград. Главниот град на Србија. Комплетно спакуван имав чувство дека го поседувам легендарниот Екскалибур, мечот на кралот Артур, иако со себе имав само ранец, вреќа за спиење и картонски натпис Beogradski sajam knjiga. Мојот брат, незаситен љубител на (пост)апокалиптични филмови, кој секој викенд со нетрпение ја чека новата епизода од серијалот The Walking Dead и татко ми, чии брчки на лицето говореа за неговата емотивна состојба, со тешко срце во утринските часови ме префрлија до граничниот премин Табановце. Изгледаше рамнодушен, но воопшто не му беше сеедно за одлуката која претходно ја имав донесено. Жената која ме донесе на светот, тогаш веќе на работа, храбро водеше битка со своите мисли. Чувствував грижа на совест. Не бев задоволен, а камоли пак среќен. Тогаш за прв пат пеш поминав граница. Најсоодветно место за стопирање се наоѓаше токму таму. Имав повеќе шанси  да стасам до централниот дел на Србија, затоа постапив на тој начин. На македонската граница се најдов лице во лице со полицаец. Делуваше скудно во неговата униформа, извалкана од кафе. Прво се обиде да ме исмее, додавајќи:

„Момче“, прозевајќи се, продолжи. „Каде си тргнал со тој натпис?! Луѓето ќе те направат нетачан кога ќе прочитаат што пишува“.

„Нема да ми биде прв пат“, рамнодушно се исклештив. Во паричникот ја барав зелената пластифицирана плочка. Му ја подадов, со цел што побргу да заминам од таму.

„Не можеш да поминеш со неа“.                     

„Поради која причина?“

„Имаш пасош со тебе?“

„Но, личната карта ми истекува после Нова година“.

„Младичу, се лажеш“, победнички дофрли полицаецот. Сфатив дека документот за лична идентификација веќе неколку недели не е валиден. Му го дадов пасошот, покажувајќи му ги забите со грда насмевка. Откако моите податоци беа евидентирани во неговиот компјутер, можев слободно да тргнам. Пред српската граница, крупен и намуртен полицаец, сокриен во некоја од бараките озлобено почна да вика по мене. Кутриот помисли дека сум емигрант од Сирија па одам во Србија да барам азил. Сигурно поединците што мигрираат не би се натерале себеси пешки да ја поминат границата, а уште помалку автостоп. Зачуден од непристојната реакција, врапито му се вџашив со кренат картонски натпис:

„Чичко полицаец, нема потреба од паника. Никаде не бегам“.

Заедно со неговиот колега, се обидоа да се пошегуваат на моја сметка. Нивните тромави гласишта ечеа наоколу. Меѓутоа немаше друг присутен да ги забележи. Знаејќи со каква категорија на луѓе си имав работа, бев повеќе од мотивиран да заминам што подалеку од граничниот премин Табановце и да се фокусирам на посакуваната цел.



                             https://www.facebook.com/evgenijhoup/?hc_ref=SEARCH&fref=nf

Добредојде во Србија“, помислив, штом зад себе ги оставив рампите. Уште од дома бев убеден дека за неколку минути ќе најдам превоз. Сам ми беше најлесно да стопирам. Имаше паркирани камиони. Поголем дел од возачите беа  зафатени со средување документи за царина. Некои од нив, кои знаеа дека ноќта ќе ја поминат тука, на леб мачкаа месен нарезок, пивнувајќи по неколку голтки ракија од нивните сакрални плоски. Автомобили речиси и немаше. Ќе поминеше некој на десеттина минути. Намалената фреквенција на сообраќајот беше загрижувачки факт за мене. Покрај сите перипетии, не сакав да се вратам во родниот град и принудно да патувам со автобусите на Ниш Експрес, па цела вечност да се клацкам до Белград. Точно по 47 минути, застана бело-син Scania камион со приколка, со носивост над 10 тони. Почнавајќи разговор на англиски јазик, сфативме дека може да комуницираме и на македонски или српски. Возачот одеше во Прешево на закажан термин за царинење на робатата. После тоа директно возеше до Белград. Проблемот беше во тоа што ни самиот возач, на кого не му го запомнив името, не знаеше колку долго ќе се задржи при завршување на обврските. Ме остави на излезот од Прешево. Се договоривме кога ќе заврши ако сѐ уште сум тука повторно да ме земе со себе. Се најдов сам во непосредна близина на градската населба во Пчињскиот округ во Србија. Почекав околу 15 минути. Ме качи средовечен ветеринар, со живеалиште во истоимената општина. На задното седишта имаше детско седиште за во автомобил, со неколку пластични гормити. Заклучив дека е семеен човек од албанска националност. Слушајќи ја интуицијата, му верував. Речиси 90% од населението во Прешево е сочинето од Албанци. Бавно се движевме низ Прешевската долина, оддалечувајќи се од границите со Косово и Македонија. Ми раскажуваше за начинот на живот во неговиот град, кој претставува културен и административен центар на Албанците во Јужна Србија. Ветеринарниот лекар секој втор вторник патуваше до Бујановац, по набавка на потребните производи за неговиот мал бизнис. Ме остави на излезот од градот познат по изворите на минерална вода. Бујановачка Бања беше една од нив.

Не чекав ни две минути. Најдов превоз до Ниш. Ми олесни. Поголемиот дел од патот ќе биде поминат без проблем. Во случај ако се стемни, што не верував дека дента ќе бидам губитник. Имав можност да фатам автобус или воз до Белград. Владимир, така се викаше возачот. После воведниот разговор, човекот кој имаше вишок на килограми, да не речам беше дебел ми откри дека има ќеркичка од две и пол години. Утрово ја оставил во градинка. Тој работеше како трговец. Често одеше од град до град, склопувајќи договори и препродавајќи месни производи за фирмата во која беше вработен.

„Пред неколку години“, се закашла. „Имав 40 килограми помалку. Бев физички активен. Но, мора да признам, заедно со жена ми, која исто така е крупна, многу сакаме да јадеме. Ако некој ме праша, што ти е омилено во животот, покрај сексот, на следното место од списокот го ставам јадењето. Ова второто е повеќе присутно. Секој ден по неколку пати“.

Ми раскажуваше епизоди од неговиот живот. Беше роден во Босна и Херцеговина. За време на крвавата војна помеѓу 1992 и 1995 година со својата сестра побегнале од родната земја и се доселиле кај роднини во близина на Ниш. Татко му, голем националист не ја напуштил својата држава. Преживеал. Препознав искреност во Владимир, кој повеќе ништо не го поврзуваше со татковината. Се надеваше дека нема да го злоупотребам неговиот пријателски настроен однос. Јас ни на крај памет не помислив да му наштетам, ниту пак некогаш го имам сторено тоа на луѓето, кои се смилуваат и ме префрлуваат попат. Од греењето во автомобилот ме фаќаше дремка. Се трудев да не заспијам. Не дека нешто ќе ми стореше, но му правев муабет, да не му биде здодевно. Стигнавме во градот Ниш. Познат по Нишка Бања и други 68 приградски населби. Паркирани во центарот на еден од најважните индустриски центри во Србија, ме прошета по главните улици, водејќи ме во пекара да ми купи појадок. Уште наоѓајќи се во јужна Србија, ме остави на неколку метри од главниот автопат. Самата позиција на градот е стратешко важна, затоа што се наоѓа на пресек на бројни автопат линии и железничка пруга, која ги поврзува Европа со Азија. Тогаш се најдов во непријатна ситуација. Или тоа беше мојот впечаток. Само што го кренав палецот, застана црн мерцедес од 2001 година со потекло од Велика Британија. Отварајќи ги вратата во животот немав видено повалкан автомобил. Чисто сквернавење на превозното средство. Прашина за истовар. Отпад на подот, измешана со варијабилна големина на камење. Влажни  трици. Остатоци од скршен мебел, налегната бејзбол палка, скината акт-чанта и сатар, послан на задното седиште. Мирисаше на добиток. Намуртеното лице, со скрама околу левото подзатворено око, неколку дена небричена брада, со длабок, одѕвонувачки глас ми рече:

„Сѐ е во ред. Слободно може да влезеш“.

(продолжува со „Автостоперски емигрант II“)

https://thevoyagealphabet.wordpress.com/2014/11/16/%D0%B0%D0%B2%D1%82%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D1%80%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%B5%D0%BC%D0%B8%D0%B3%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%82-i/











 

Поврзани блог статии