НЕВАЖНА ЗА ГОЛЕМИОТ ГРАД - МАРИЈА ЛОЗАНОСКА

   ...Знаеш, не бев успешна личност, не очекувај од мене пофалби. Немав ни  убавина, можеби само патетична и недоволно потресна приказна од животот за која не знаев ни дали вреди да ја раскажам некому. Ни откако станав возрасна не бев способна да одлучувам за себе својствено за годините. Секојдневно се борев со другите опции кои ми ги налагаше околината и општеството, и наместо со одговори, секое утро се будев со прашања - дали да го направам едното или другото и дали од денес или од утре да почнам да се подобрувам. Или можеби од понеделник, некој понеделник. Кај мене ни утрото ни вечерта не беа поумни и не знаев дали ќе биде полошо или подобро понатаму. Можеби полесно ќе беше ако постоеше само една опција и така ќе немав потреба да одбирам некој подобар или полош живот. Единствено што знаев е дека најдобро ќе беше да бидам некоја друга. Некоја многу попаметна личност. Па, и поубава. Сметав дека така ќе ми беше многу полесно.
      Секојдневно мајка ми ми велеше дека не знам што сакам во животот и дека не сум била одлучна. А, сакав да бидам таква, сакав да бидам успешна и да бидам мајчина гордост, па таа еден ден конечно да рече: Ете, тоа е мојата ќерка!Можеби таа сакаше да бидам во нешто прва, наместо последна. Јас дури и не ни влегував во битки за да бидам на некое место воопшто. Но, во што да бидам прва? Луѓето измислиле сè, немаше ни во што да бидам иновативна. Сè веќе некаде било видено. Да измислувам топла вода? Не, премногу сум ладна за тоа. Во Лондон не ни можеш да успееш ако си топол. Тогаш ќе речат дека доаѓаш од Калифорнија, а кај нас е добро познато дека Америка е поранешна колонија на Англија и во тој случај не потекнуваш оттука. Ете, и во политика навлегов. Не, ни тоа не ми беше опција. Не ќе бев доволно упорна за да го одбранам својот политички став во парламентот. Многу ќе беше лесно да ме прелажат ривалите и потоа скоро секој ден ќе си менував обоености. За мене беше нешто друго. Сакав да бидам некоја друга. Само да не бидам ништожната што бев тогаш.
       Бев типична Англичанка од ниските класи: црвенопортокалова коса, дамки по целото лице, а тоа ми беше обло со големи образи. Немав самодоверба и не се сметав себеси за убава девојка, до таа мера што мислев дека никогаш нема да му се допаднам на ниедно момче. Ако некој ме прашаше: Кој е твојот најголем успех во животот?, би му одговорила: Тоа што сум се родила и што сум жива. Како пред време да се откажав од животот, а бев премногу млада за да го направам тоа, бев во доцни дваесетти. Можеби немав поддршка од некој близок, некој кому му верувам, па дури ни од сопствената мајка. Бев како цвеќе ползавец кое никој не го помрднува и расте по туѓи ѕидови, без никаква цел е, и е ничиј декор. Или можеби сум сфатила дека јас сум од онаа група луѓе кои се само во сенка на познатите, успешни и секогаш средени луѓе. Да бев книга, никој не би ме отворил да ме чита. Ако ме отвореше, немаше да ме дочита. Не се ни замислував како една целина. За мене приказна везеше само мојот град Лондон. Јас бев само публиката таму. Немата публика. Од мене не се очекуваше ни аплауз. Самата јас не му бев битна... 


                                                                                                                                                                                    - извадок од романот Другата,
​                                                                                                                                                                                         Марија Лозаноска

http://vecer.mk/kultura/nsakam-da-se-stavam-vo-sechija-kozha-za-da-sfatam-kako-funkcionira-svetot

Книгата може да се најде на сите продажни места на Матица.

Галерија

Поврзани блог статии